Еден од победничките романи на книжевната награда „Пегаз“ за 2020 година, „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски, беше промовиран вчеравечер (29 јуни), онлајн, на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.
Владо Јаневски е мултимедијален уметник: писател, сликар, фотограф, стрип-автор и светски патник, кој последниве неколку децении живее во Сиднеј, Австралија. Во разговорот со Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“, писателот откри како се родила идејата за романот, за случајната поврзаност со Мураками, како се пријавил на конкурсот на „Пегаз“ и за смртта – како главна тема во приказната.
Инспирација за пишување наоѓам преку честите патувања низ светот. Во конкретниов случај, идејата за „Мртвите знаат најдобро“ произлезе од моето патување во Јапонија – чијашто посета ми беше долгогодишна желба. Конечно, сонот ми се оствари пред неколку години, а потоа имав можност пак да појдам таму и да останам извесно време. Посетувајќи ги тамошните храмови, улици, паркови и градини, и преку дружбата со тамошните луѓе се зближив и се запознав со тамошната култура. Но, открив и нешта што не се толку мистични и туѓи, дури и најдов некои заеднички работи. Шетајќи, размислував како тоа функционира и како себеси се гледам во таа средина. Почувствував како нешто да почна да ’рти во таа почва, нешто мое. Ми се отвори цел нов свет. Иако немав идеја дека ќе напишам роман, постепено почнаа да оживуваат ликовите од книгата во мојата фантазија или внатрешна реалност. Почнаа да се разврзуваат нивните дијалози – што е карактеристичнo за моите романи – истакна Јаневски на онлајн-промоцијата.
„Мртвите знаат најдобро“ е пишуван во стилот на светски популарниот современ јапонски писател Харуки Мураками. За Јаневски, оваа сличност е сосема случајна.
Откако ја добив наградата „Пегаз“ добив коментари дека мојот роман потсетува на стилот на Мураками. Искрено, тогаш првпат се „сретнав“ со Мураками, иако бев во Кјото, градот каде што е роден тој… Коинциденција е што поголем дел од дејството се склучува во Кјото, а истовремено книгата потсетува на делата на Мураками. Не знам, можеби сум поминал покрај куќата каде што е роден Мураками… Можеби се случила некоја „натприродна“ конекција. Инаку, романот уште не ми беше завршен кога на социјалните мрежи го забележав конкурсот на „Пегаз“, чијшто краен рок беше јуни. Тогаш си реков – ова би било добра мотивација да се обидам да го завршам романот во тој скратен рок и, повеќе од љубопитство, сакав да видам како ќе помине на еден ваков конкурс. Конкурирав анонимно, под псевдоним, и немав големи очекувања, особено кога дознав дека пристигнал дури 61 ракопис. На моја голема среќа, романот „Мртвите знаат најдобро“ беше награден – рече тој.
Во романот се следи приказната за татко и син кои се занимаваат со бизнис на платени убиства без никаква мотивација освен финансиска придобивка, како и понатамошно пронаоѓање решение за прикривање на труповите. Во делото се преплетуваат судбините на повеќе ликови, во свет каде што живите го делат просторот со мртвите, а сонот и јавето се еднакво реални и важни. „Каде е линијата меѓу сонот и јавето?“ е најрелевантното прашање во „Мртвите знаат најдобро“, што му го поставува имагинарниот лик Ичиро на неговиот создател – Фуриозо, за да додаде веднаш потоа: „Се надевам дека сега ви е јасно дека сонот и јавето се еднакво реални и важни“. И, воопшто, целото дејство во романот се движи по тенко јаже, оптегнато меѓу реалноста и измислицата, додека во меѓупросторот се случува бизарниот живот на синот Фуриозо и таткото Шикамото, кои се занимаваат со бизнис на платени убиства.
Како што навестува насловот на романот, „Мртвите знаат најдобро“, главната тема во приказната е смртта.
Во светски рамки, има еден куп книги напишани за смртта, но таа сè уште е мистерија за човекот. Впрочем, како што е и животот. За смртта многу малку знаеме, освен, нели, дека е крај на животот. Што се случува по смртта, веројатно најдобро знаат починатите, затоа и романот се вика „Мртвите знаат најдобро“. Сметам дека науката треба да го даде одговорот на прашањето – што е смртта? Во романот таа е претставена како едно секојдневие. Главниот лик Фуриозо се занимава со бизнис на платени убиства и тој на смртта не гледа како на ужасен крај на нечиј живот, туку како на уметност. Тој педантно ја завршува својата работа, без графички сцени, крв или измачување на жртвите. Дури и ги фотографира своите жртви, наоѓајќи убавина и уметност во последниот израз на новото лице. Се надева дека еден ден фотографиите ќе бидат изложени во некоја галерија – вели авторот.
Приказната во романот потсетува на трилер-филм, меѓу другото и затоа што изобилува со такви ситуации, најчесто потпомогнати со дијалози што на најбрз начин му помагаат на читателот да се нурне во она што следува или да го натера да размислува за она што би следувало, за веднаш потоа да биде изненаден од следната, најчесто сосема неочекувана сцена. Низ романот исто така провејува црн хумор, вткаен во повеќеслојна приказна каде што јавето и сонот неретко се преплетуваат и се еднакво важни.
„Мртвите знаат најдобро“, што е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.
Промоцијата на „Мртвите знаат најдобро“ беше дел од промотивната акција Недела со добитниците на наградата „Пегаз“ за 2020 година, при што ќе се одржи и промоцијата на другиот роман-победник на ланскиот избор, „Лазарка“ од Љупчо Петрески. Книгата „Лазарка“ исто така ќе биде промовирана онлајн на 1 јули (четврток), во 19 часот, на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Промоцијата ќе ја води Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.