Во вторник на 10 октомври, во дворот на кафе-книжарницата „Буква“ со почеток од 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Љубовните писма на Шарла“ од Давид Ангелевски.

Се работи за збирка текстови, еден вид книжевни илустрации на музичките изданија кои излегуваа за независната музичка издавачка куќа „Шарла Рекордс“ во периодот од 2013 до 2023 година.

Сместени во широк жанровски опсег, од критички опсервации на актуелните општествено-политички текови, до кратки книжевни форми кои спаѓаат во жанрот фикција, овие писанија го сведочат контекстот и околностите во кои се создаваа музичките дела. Целта на истите беше да го испровоцираат вниманието на пошироката јавност и низ призмата на нивната содржина да понудат уште една перспектива кон музичкото доживување на овие остварувања.

Давид Ангелевски фото: Зденко Петровски

Книгата изобилува и со фотографии од разни настани организирани од Шарла Рекордс, како и извадоци од интервјуа и текстови на песни со кои се заокружува и документарната функција на оваа книга посветена на десетгодишнината од постоењето и работата на овој независен музички издавач.

Целиот издавачки зафат е реализиран во соработка со независниот книжевен издавач АШ без било каква финансиска поддршка од државни институции или спонзори.

Промоцијата е замислена како целовечерно неформално дружење со музичката, но и книжевната публика на кои оваа книга подеднакво им се обраќа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.