Во понеделник, 16 декември 2019, со почеток во 19 часот, во изложбениот салон Империјал 1 на КИЦ-Скопје, ќе се одржи промоција на книгата „Идентитетот и медиумите“ од Биљана Рајчинова-Николова. Книгата е во издание на Книгоиздателството МИ-АН од Скопје. Промотори се Лорета Георгиевска-Јаковлева и Мишел Павловски.
Рајчинова за предмет на истражување ја зема релацијата меѓу колективните идентитети и медиумите, со цел да даде одговор на прашањето: Каква е релацијата помеѓу процесот на конструирањето идентитет и влијанието на медиумите врз тој процес? Авторката констатира недостаток од емпириско проучување на ваквата релација, и го надоместува преку анализа на националните печатени медиуми Дневник, Нова Македонија и Утрински весник, како едни од значајните фактори во креирањето и презентирањето на јавното мислење. Критериум за одбирот на весниците во кои Рајчинова го има спроведено истражувањето е „нивото на нивното влијание врз јавното мислење во Република Македонија“. Од спроведените анализи, Рајчинова заклучува дека идентитетот во македонските печатени медиуми е тема за која сè уште се преговара и се дискутира (поим што го шири опсегот и прашање кое ги поставува границите за тоа за што може, а за што не може да се преговара), односно сè уште се утврдува содржината на поимот македонски идентитет, а медиумите се водечки ресурси за конструирање на идентитетски проекти, ресурси што ја снабдуваат заедницата со материјали за самоидентификација. Тие секогаш се дел од политиката, најчесто се во функција на спроведување на политиката и идеологијата на партијата која е на власт и реагираат на начин соодветен на доминантните дискурси.
Биљана Рајчинова-Николова е родена во Скопје, на 14 декември 1975 година. Дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Магистрирала и докторирала на Институтот за македонска литература – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Автор е на педесетина стручни и научни трудови, објавени во домашни и меѓународни списанија и зборници на трудови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.