Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје организира промоција на Зборникот„Поетите за Чедо“. Зборникот е во издание на Советот на манифестацијата „Лесновски ѕвона“ од Кратово, која се одржува десет години во чест на македонскиот поет Чедо Јакимовски.
Во зборникот се поместени текстви и беседи за животот и делото на Чедо Јакимовски и избор од неговото поетско творештво а како посебен дел се објавени песни од македонски поети посветени на Јакимовски. Зборникот е илустриран со фотографии од семејниот албум на авторот и од фото-документацијата на манифестацијата„Лесновки ѕвона“.
Поетската манифестација „Лесновските ѕвона“ се одржува веќе десет години во во родниот град на поетот Кратово и во Лесновскиот манастир. На неа земале учество многу поети од Македонија и странство а како составен дел од манифестацијата се доделува и наградата „Лесновски ѕвона“ за најдобра дебитантска книга објавена на македонски јазик.
Промоцијата ќе се одржи на 20 декември 2018 година (четврток) во Спомен-собата на Миладиновци во Библиотеката, со почеток во 12.00 часот. Зборникот ќе го промовира Братислав Ташковски а стихови посветени на Чедо Јакимовски ќе кажуваат македонски поети. На промоцијата во чест на авторот ќе настапи и оркестарот „Кратовски тамбураши“.

Чедо Јакимовски- поет. Роден е во Кратово на 22 февруари 1940 година. Починал во Скопје на 12 јануари 1993 година. Бил новинар и главен уредник на весникот „Млад борец“. Автор е на книгите: „Нарциса“, „Лажно море“ и „Халеевата комета“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.