„Конески на 11 јазици“ е зборникот од Првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) чија промоција ќе се одржи на платформата „Зум“ денеска во 12 часот. Присутните ќе ги поздрават проф. д-р Никола Јанкуловски, рекор на УКИМ и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар. Промотори на Зборникот ќе бидат странските македонисти, професорките Намита Субиото од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана и Даниела Костадиновиќ од Филолошкиот факултет на Универзитетот во Ниш.
Во промоцијата ќе учествуваат и лектори по македонски јазик, литература и култура на неколку универзитети: м-р Марија Пандева од Универзитетот „Ломоносов” (Руска Федерација), м-р Марина Цветаноска на Истанбулскиот универзитет и м-р Биљана Стојановска на Универзитетот во Риека. Потоа, семинаристите на Првата зимска школа ќе прочитаат свои препеви на песни и преводи на кратки прозни текстови од Конески, објавени во Зборникот.
Првата зимска школа на МСМЈЛК се одржа на почетокот на годинава како прва активност во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески. Во зборникот се објавени препеви на песни и преводи на кратки прозни текстови на Конески од странски македонисти – слушатели на двата напредни курса за литература и за преведување на Зимската школа. Со тоа делови од творештвото на Конески коишто претходно не биле преведени на сите овие јазици, сега се објавуваат на: руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, грчки и на турски јазик.
Ова е прв зборник на МСМЈЛК во којшто се објавуваат во толкав обем и на толку јазици препеви и преводи од творештвото на Конески остварени во текот на програмските активности на Семинарот. Истовремено, во зборникот се објавени и текстови со сеќавања за Конески од странски македонисти – академиците Зузана Топољинска, Иван Доровски, Виктор Фридман и Горан Калоѓера.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.