Издавачката куќа „Или-Или“ вечер од 20 часот во МКЦ Клуб ресторанот ќе ја промовира збирката раскази „Приказни на тивок оган“ од Светлана Камџијаш, која предава филозофија, естетика и етика на Педагошкиот факултет во Скопје.

Писателот Гоце Смилевски во рецензијата истакнува дека расказите се создадени со длабока мисла, широка емоција и висока ерудиција, со буен стил и прецизна структура.

Нив авторката успеала да ги напише со онаа тешко остварлива виртуозност која подразбира да се раскаже флуидно она што е најтешко за искажување… Во тоа искажување на она што најчесто останува обвиено од молкот, Светлана Камџијаш тргнува од детаљот и стигнува до сепроникнувачка целина, започнува со мигот и го опфаќа животот. Авторката како да ги вткала во своите раскази сите уметности…, посочува Смилевски.

Книгата е 178 наслов во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“ и ќе ја претстават Соња Стојменска Елзесер и Ѓоко Здравевски, а извадоци ќе чита актерката Ана Костовска.

Светлана Камџијаш досега објавила книги од областа на философијата: „Ведите и Упанишадите – сликата на светот“, „Крајната слобода во философијата веданта“, „Од брегот на реката Ганг“ и „Шест Упанишади“, како и две поетски книги: „Чекори во летот“ и „Небо-индиго“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.