На 19 март, вторник во Менада од 20 часот ќе се одржи промоција на третиот роман од Давор Стојановски „Утеха за голите“, во издание на „Или-Или“.
Промотор: Душко Крстевски
Давор Стојановски е роден 1987 година во Скопје. Дипломира на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрира на истиот факултет, на студиската програма за Македонска книжевност, со трудот „Историографската метафикција од С до З (Анализа на двете верзии Сестрата на Сигмунд Фројд и Сестрата на Зигмунд Фројд од романот на Гоце Смилевски)“.
Добитник на наградата „Ана Франк“ за театарската пиеса „Буна на времињата“ (2005, Феникс) и на откупната награда на конкурсот за краток расказ на Нова Македонија за расказот „Соба со тенки ѕидови (Сонувајќи го Цејлон)“ (2011).
Неговиот прв роман, „Ненасловена месечева соната“ (2013, Или-или) влезе во потесниот избор со четири други романи, за наградата Роман на годината на „Утрински весник“. Неговиот втор роман, „Собирачи на пепел“ (2016, Или-или) ја доби наградата Роман на годината на „Утрински Весник“. Двата романи се преведени и објавени на бугарски јазик.
И во својот трет роман „Утеха за голите“, Давор Стојановски до перфектност ја има донесено економичноста на реченицата. Нема ниту еден излишен збор во неа. Јазикот е едноставен и за читање и за превод. Бавноста и сигурноста на неговиот збор го прават делото преполно со слики што не се гротескно или барокно накитени со метафори и парадокси. Јасен текст кој пополека ве заведува да го читате. Зборовна сласт на секоја страница.
Романот „Утеха за голите“ е роман во кој се испреплетуваат изгубената љубов, со неостварената и несретнатата љубов. Времето е главниот арбитер на брчките и сенките на ликовите во романот. И Скопје и Рудните планини стануваат еден микрокосмос. Овој микрокосмос на Рајнер и Анамарија се претвора во партија шах на животот. Партија шах што започнува во едно поневино Скопје од еден минат свет. Ова е роман за носталгијата, вели Душко Крстевски, промотор на романот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.