Во рамки на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вечерва во Охрид ќе биде промовирана најновата книга за македонската книжевност од истакнатата македонистка и славистика, академик Ала Шешкен од Универзитетот „Ломоносов“ во Москва.

Делото насловено „Теми за македонската литература ХХ век“ е посветено на развојните процеси на македонската книжевност во дваесеттиот век, со акценти на тематските и стилските особености во делата на десетици македонски писатели кои оставиле впечатливи траги во доменот на поезијата, прозата и драмата. Со таквиот научен пристап книгата претставува своевидна историја на македонската книжевност во минатиот век.

Ала Шешкен, која е професор на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“, како славистка и компаративистка се издвојува како еден од најистакнатите и најпосветените промотори на македонската книжевност во меѓународни рамки. Со своите истражувања таа ги поставува темелите на систематското концептуално предавање и проучување на македонската литература на Универзитетот „Ломоносов“. Држи предавања и специјални курсеви од историјата на македонската литература, култура и македонската литературна критика на катедрата за словенска филологија при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Ломоносов“. Автор е на над 200 научни трудови, од коишто најголемиот дел се посветени токму на македонската книжевност.

Од 2007 година, Ала Шешлен членува во Македонската академија на науките и уметностите. Добитник е на меѓународното признание „Блаже Конески“ во 2015 година, за придонес во проучувањето и афирмацијата на македонската литература и македонскиот јазик. Оваа година таа ја доби наградата „Почесно Рациново признание“.

Промоцијата на делото е предвидено за вечерва од 19 часот во Конгерснио центар во Охрид каде и се одржува годинешната 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.