На 18 јуни (четврток), со почеток од 19 часот на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи промоција на најновата стихозбирка од Ива Дамјановски насловена „Двоумење“. Промотот на стихозбирката е Јулијана Величковска, а стихови ќе чита Ѓоко Здравески.
Мерките за претпазливост се строго почитувани, велат од МКЦ.
Ива Дамјановски е од оние автори на кои им се радувате кога ги читате. Се радувате што некој толку талентиран решил да пишува. Таа е музичар по образование, па не е чудно што поезијата ѝ е еуфонична и што е полна со рими и со игри на зборови. Пишува едноставно, со обичен, секојдневен јазик, но пишува строго и луцидно созерцнува во стварноста што ја живее. Таа созерцателна моќ е најважниот талент од изобилството таленти што Ива ги поседува.
Во песните се чувствува и разочарувањето од физичката стварност, од хаосот во светот, се чувствува и гневот во немоќта нешто да се смени во светот полн војни и очигледни неправди, но се чувствува и потребата да му се пркоси на тој хаос, ако со ништо друго, тогаш барем со уметност. Да му се каже на светот: тука сме и гледаме што се случува, гледаме што правите. И сето тоа да се зачини со суптилен хумор и со слатко-кисела иронија и насмевка скриена под мустаќ, вели Ѓоко Здравески.
Според Величковска, Ива пишува со хируршка прецизност, а текстот го третира со војничка дисциплина.
Секој звук и секоја тишина во нејзината поезија се пресметани, а зборовите како камчиња за мозаик се одбрани. Секое нивно значење и секоја повеќезначност се намерни. Сѐ е подредено во служба на идејата и пораката. Лирското јас осцилира како клатно: од јас до ти, од јас до ние, вие, тие… Нејзината поезија е филозофска, а, сепак, полна со емоции. Нејзината мисла е јасна, чиста и насочена. А поетското око на Ива Дамјановски има ретка супермоќ, ги гледа обете страни на паричката истовремено, вели Величковска.
Ива Дамјановски (1996) е родена во Скопје. Дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Автор е на стихозбирката „Тие“ (2017, Блесок), добитник на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски ракопис и на второто и дополнето издание на истоимената стихозбирка издадена во 2019 г. од ПНВ Публикации. Автор е и на една научна статија и труд од областа на музиката.
Нејзината поезија е преведена на српски, на хрватски и на словенечки јазик. Застапена е во ревијата „Рукописи 40“ (2017), како и во панорамата „32 македонски поети. Гласови на новиот век“ (2018, ПНВ Публикации). Учествувала на „Астални проекции“ и нејзината поезија е застапена и во монографијата за оваа манифестација (2019, Бегемот), а учествувала и на многу други поетски читања во Скопје. Дел е од организацискиот, режиски и изведувачки тим на серијата концерти „No Hay Banda“ и на концертните проекти „Монохроматика“ и „Монолози“ изведени во 2018 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.