Издавачката куќа Гаврош, во соработка со Амбасадата на Шведска, организира промоција на македонскиот превод на сликовницата „Сигрид и Ноќта” на шведскиот автор Јонс Мелгрен кој ќе биде гостин на вечерта. Промоцијата ќе се случи во понеделник на 17 декември во Менада, Стара скопска чаршија, со почеток во 18 часот. Преводот е на Лилјана Илиевска, а книгата ќе ја промовира д-р. Кирил Пенушлиски.
Јонс Мелгрен e режисер, професор, илустратор и писател од Стокхолм, Шведска. Автор е на шест сликовници за деца и повеќе кратки анимирани филмови.
„Сигрид и Ноќта” е приказна за едно чудно пријателство. Покрај тоа што е приказна за добра ноќ, ова е четиво и за возрасните читатели, кои ќе ги поттикне да размислуваат за загубата, тагата и за мирниот сон во современата ера на несоница. Како што честопати тоа е случај со Шведската литература за деца, авторите не бегаат од „темите за возрасни” во приказните за деца, напротив тие ги доближуваат до детската публика.
За време на престојот на Јонс Мелгрен во Скопје ќе се организира тридневна работилница за стоп анимација во просториите на Менада. За време на работилницата ќе се креира, осветли и анимира макета на пејзаж. Фокусот ќе биде свртен кон тоа како да се создаде сет за стоп-анимација и предизвиците што доаѓаат со тоа, од теориска и практична природа. Оваа работилница нуди вовед во нештата што треба да се имаат предвид кога се работи сет за анимиран филм. Истовремено ќе бидат вклучени разни визуелни трикови од светот на театарот и филмот.
Работилницата ќе трае три дена во континуитет, секој ден од 09:00-17:00h, со пауза за ручек. Пријавувањето со име и презиме на gavroche.books@gmail.com важи за сите три дена. Бројот на учесници е ограничен на 20.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.