Во киното „Фросина“ на 3 април (среда) од 20 часот ќе се одржи промоција на збирката раскази „Скопје, ти раскинуем“ од Тамара Јолевска Попов, издание на ПНВ Публикации. Промотори на книгата се Душко Крстевски, Ѓоко Здравески и Деспина Мукоска. Извадоци од книгата ќе чита Томе Станковски, а на настанот е предвиден и диџеј сет на Ненад Стефановски.
Овие прозни записи се одлична закуска додека се возите во автобус, додека мечтаете на плажа, додека го пиете попладневното кафе дома или пивото во градскиот парк, додека децата се на најблиските лулашки. Со кратко читање на овие микрораскази и подолго размислување за нив, оваа книга е совршена џебна енциклопедија на љубовта, урбаната егзистенција, стравовите, кошмарите и созерцанијата. Со оваа книга Тамара дефинитвно „раскинуе“ со Скопје, но не и со нејзините читатели, вели Душко Крстевски.
„Скопје, ти раскинуем“ му ја препорачувам на храбриот, урбан женски читател, кој има „муда од лабуда“ да ја заврти вековната, генетска, ментална завртка и подготвен е да разбере дека мааните кај љубениот ги забележуваме само тогаш кога престануваме да сакаме и почнуваме вистински да љубиме. Машкиот читател, но само оној со високо ниво на тестостерон и бестрашен ум за размисла (се плашам – ретка публика), ќе ја разбере Тамара ‘од прва, смета Деспина Мукоска.
Инаку, Тамара Јолевска Попов долги години е присутна и на независната уметничка сцена. Автор е на збирката раскази „Ге-дур“ (2013, ИЛИ-ИЛИ). Автор е и на неколку необјавени драмски текстови. Работела како уредник во издавачки куќи, професор по англиски јазик во приватни училишта во Скопје, а во моментов е лектор на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.