На 11 декември (среда), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ ќе биде промовиран романот „Архангел – Ослободување на ѕверот“ од Даниел Бибовски. Книгата, која е утописка научна-фантастика, е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„По завршувањето на најразорната војна во историјата, Третата светска војна, човековата цивилизација одлучува да го реорганизира светот, со помош на напреднатата технологија. Најголемото достигнување на здружениот труд е тест-населбата Архангел 2009, сместена на Антарктикот, најнегостопримливото место на Земјата. На Архангел се вселуваат врвните умови од сите области: психолози, инженери, биолози, економисти, лекари, физичари, филозофи, па дури и уметници. За многу брзо време проблеми како глобално затоплување, загадување, глад, недостаток на вода за пиење, недостаток на живеалишта и слично, драстично се намалуваат или целосно стануваат минато. И додека се чини дека планетата доживува преродба од секаков аспект, човековите слабости, како што се алчноста и потребата за надмоќ, сè уште демнат зад аголот како најголема опасност.“

Промоторка на книгата ќе биде писателката Фросина Пармаковска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.