Вечерва (петок, 27 декември, 19 часот) во МКЦ (горно фоаје на кино „Фросина“), во рамките на „Малиот новогодишен саем на книга“, ќе се одржи промоцијата на книгата „Средни години“ од словенечкиот поет Алеш Мустар, во издание на „Или-Или“, а во препев од словенечки на Лидија Димковска. Низ разговор со авторот, книгата ќе ја претстават Александра Јуруковска и Лидија Димковска.
Критичарите за книгата, која беше одлично прифатена во матичната Словенија, потенцираа:
Алеш Мустар со пораките и уметничката вредност на својата оригинална автопоетика,
со оваа збирка претставува неповторлив глас во словенечката поезија. (Жири за наградата „Вероника“)
Поетскиот глас е разбирлив, непосреден и емотивно обележан, а уште една одлика на авторот е високата мера (само)иронија, црн хумор, па и цинизам од една, како и остра општествена критичност од друга страна. (Кристина Слуга, „Букла“)
На „Средните години“ на Алеш Мустар нема што да им се забележи. Кон тоа најмногу придонесуваат комуникативната дикција, неприсилената поетска градба и крајно луцидната иронија на неговата поезија. (Мартина Потиск, „Содобност“)
Алеш Мустар (1968, Љубљана) е поет и преведувач. Дипломирал англиски јазик и книжевност, како и педагогија на Универзитетот во Љубљана, а докторирал од областа на романската драматургија на Универзитетот во Букурешт, Романија. Преведува романска и македонска книжевност на словенечки јазик. Ја објавил поетската збирка „Суд(бин)ско толкување“ (2005), која беше номинирана за најдобра дебитантска поетска збирка, препеана на македонски („Блесок“, 2007) и на англиски („Блат букс“, 2008). Неговата втора поетска збирка „Средни години“ излезе при Центарот за словенечка книжевност во Љубљана во 2017 г. и беше номинирана за најголемите поетски награди во Словенија: „Јенко“ и „Вероника“, а од страна на критиката беше избрана и за критичко–поетскиот фестивал „Прангер“. Неговите песни се застапени во повеќе антологии, а учествувал на поетски читања и фестивали во САД, Данска, Чешка, Холандија, Романија, Македонија, Хрватска и др. Алеш Мустар се занимава и со алтернативен театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.