Во петок, 27 септември, во Салонот 19,19 ќе се одржи промоција на книгата „Нови драми“ од Томислав Османли во издание на ВиГ „Зеница“. Книгата со двете најнови драмски творби на македонскиот прозаист и драматичар ќе ја претстават: издавачот и писател Глигор Стојковски, посебно обраќање ќе има книжевникот Ристо Лазаров и, како главен говорник на промоцијата, академикот Ферид Мухиќ.Дијалозите од пиесите ќе читаат актерите Филип Кипроски и Јана Пауноска.

Книгата на Османли содржи две пиеси, една со историска, и другата со современа тема. Станува збор за неговите најнови драмски текстови „Нишала од злато“ која се случува во Охрид од раниот 19. век, а епосветена на темите на страста, моќта, суровоста, гордоста и одмаздата во мултикултурата на Балканот; и пиесата „Враќање дома“ која говори за етичката и општествената амнезија на традиционалните ведности, еден од мотивите кои ги тераат младите да ја напуштаат земјава…

Двата драмски текста имаат еден стожер – вели писателот Глигор Стојковски – Тие се блиски според густата драмска структура, според тревожните, трагични судбини на ликовите…и според основниот симбол – домот,главниот стожер врз кој се потпираат разгранетите идеи, богатите социолошки, политички, културолошки, психолошки анализи кои толку убедливо и јасно ни’ ги принесува нивниот автор.

Секоја од двете драми е проследена со исклучителните поговори на двајца истанкати литерати и критичари: „Анатомија на драмата на страстите“ од Акад. Ферид Мухиќ и критичката согледба „Пред налетот на епохата на безумието“ од Ристо Лазаров.

Во својот текст „Анатомија на драмата на страстите“ Мухиќ истакнува:

..Со дарбата на исклучителен драмски писател, повеќекратно и уверливо потврдена во неговите досегашни драмски текстови, во оваа пиеса Томислав Османли исклучително ефектно и смело, книжевно ја посредува токму таа драма: драмата на страстите! Резултатот е полнокрвен драмски текст кој не е анхронизам ниту реанимација на одамна напуштените драмски форми, не е имитација на класична античка трагедија ниту на Шекспир, туку автентична трагедија, со сите квалитети на универзална антрополошка драма: драмата на судирот на личното и општественото изразена како судирот меѓу страста и совеста! Овие квалитети пиесата на Томислав Османли, ’Нишала од злато’, ја воздигнуваат на ниво на еден вид крајно ретка, и во многу нешта – единствена! – доследно проследена анатомија на драмата на страстите, базирана врз конкретни историски ликови, прецизно лоцирана и хронолошки и просторно!

Во својот аначлитичен осврт кон пиеста „Враќање дома“ која се случува во нашава современост, писателот Ристо Лазаров пишува:

…Пред нас имаме пиеса која можеме да ја наречеме и пиеса – крик. Самиот крај е такво крешчендо: крик во полза на тоа да се заборави се’ (иако немаме право на тоа) и се да оди во мајчина му (имаме право и на посочни пцости). Со длабока свест за тоа дека немаме право – како што вели еден од јунаците на драмата – ’да измислуеме минато, да не си ја бришеме прошлоста, како никаде и никогаш да не постоела. Имаме на што да се сеќаваме’. Баш како што сега имаме што да заборавиме, час побргу. (…) Ова е пиеса во која горчливо и болно звучи, благодарејки на преживеаната декада на безумието, прашањето: дали градот во кој си ги поминал најубавите мигови од животот треба само да се сака, а не и да се живее во него? Пиесава е пишувана и се однесува на едно нарушено, во секој поглед исчашено време. Време во кое век е станува тешко да се разликува доброто од злото, ползата од штетата.

Томислам Османли на македонската книжевност ѝ подарува две врвни драми – заклучува книжевникот Глигор Стојковски во својот преговор насловен „Лажните домови“ – Тие се читаат во еден здив, остануваат долго во свеста на читателот… впрочем, како што останува секое врвно книжевно дело.

Пред неколку месеци, издавачаот „ВиГ Зеница“ ги публикуваше и двете тематски книги насловени „Драми за Скопје“ на Томислав Османли.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.