Утре, 16.октомври, во Градска кафеана „Пелистер“ на Плоштад Македонија со почеток во 12 часот ќе се одржи промоција на новата книга на драматургот и колумнист Братислав Димитров.
„Дремка за двајца“ претставува избор од стари, но и нови колумни и раскази кои ќе ве насмеат до солзи и ќе ви разбудат позитивни чувства и емоции.
Имено, станува збор за книга, без дневна политика, која содржи многу хумор и страст.
Промоцијата ќе се одржи на летната тераса и според важечките протоколи за посета на угостителски објекти.
Братислав Димитров е роден на 22 март 1952 година во Скопје. Се школувал во две осмолетки, четири гимназии, два факултета и едно стручно школо (не секогаш по своја воља). Дипломирал на факултетот за драмски уметности во класата на професорот Љубиша Георгиевски. Постојан апсолвент на книжевност. Носител на мустаци од 1971 година. Живеел и работел во Лондон, Амстердам, Норвешка и т.н., како келнер, возач на виљушкар, продавач на бензин, дискџокеј… Бил кандидат за градоначалник на Скопје. Триесет и осум години бил драматург во Македонскиот народен театар и две години директор на „Театарот за деца и младинци“.
Напишал единаесетт драми: „Глоговиот џбун“, „Револуционер“, „Бисери и свињи“, „Дас капитал“, „Мавзолеј“, „Кошмар“, „Ни ќар ни зијан“, „Лични огласи“, „Ноќите во бел сатен“, „Најважната работа на светот“ и „Тајното оружје“. Една монодрама “Како најсините очи на сите времиња… “ и нова верзија на “Кутрите мали хрчки” од Гордан Михиќ. Напишал и три пиеси за деца: „Пупи Паф“, „Свадбата на Итар Пејо“ и „Крале Марко“. Сите драми се изведувани во Македонија а некои и надвор од неа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.