Во рамки на музејската недела во НУ Музејот на македонската борба, на 21 мај во 11 часот, низ креативна работилница со ученици од основните училишта и од Државното училиште за деца и млади со оштетен вид Димитар Влахов од Скопје, беше промовиран водичот низ музејската поставка „Минато на дланка“. Преку 13 тактилни предмети, одбрани токму од учениците со пречки во видот, и исто толку приказни, е презентирана постојаната поставка на музејот во својот историски, етнолошки, традициски и културен контекст.

Креативната работилница беше реализирана во соработка со студентите од Филозофскиот факултет од Скопје, отсек Специјална едукација и рехабилитација. Музејскиот водич е изработен во печатена форма, на Брајово писмо и во аудио-формат, креирајќи инклузивен концепт на доживување на музејот за различни групи посетители. Во рамки на проектот изработени се и тактилни историски мапи и ознаки за движење низ музејската поставка.

Промоцијата на водичот е завршна активност на Проектот за подобрување на пристапноста на слепите и слабовидни лица на Музејот на македонската борба, поддржан од Балканската музејска мрежа финансирана од страна на фондацијата Ставрос Ниаркос, преку имплементација на Фондацијата Културно наследство без граници на БИХ. Проектот е имплементиран во соработка со Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов – Скопје и Националниот сојуз на слепи.

Изработката и адаптацијата на материјалите на Брајово писмо ја помогна Проектот за деца со пречки во видот (УСАИД, Лајонс Македонија, Универзитет на Југоисточна Европа).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.