Утревечер (четврток, 28 ноември) со почеток во 20 часот, во МКЦ клуб ресторанот ќе се одржи промоцијата на романот „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков во издание на „Или-Или“. За книгата ќе зборуваат писателките Елизабета Баковска и Калина Малеска, а настанот со акустичен музички настап ќе го збогати Мухамед Ибрахими.
Промоторката Елизабета Баковска за книгата нагласува:
Во едно скорешно интервју, авторката вели дека ова е роман за „премолчената историја, семејната и личната, и стравот дека сеќавањата би можеле да избледнеат со годините, а никогаш не би требало да бидат заборавени“. Можеби потребата да се документираат семејните сеќавања, особено оние кои во големата, службена историја ја сместуваат личната, „малата“, интимната приказна се должи и на стравот дека „она што било заборавено никогаш повеќе не можеме да го вратиме целосно назад“, како што вели Валтер Бенјамин. Или, можеби, во одреден период од животот на секој автор (некаде меѓу предците и потомците), личното (и семејното лично) станува сеопфатната, единствената приказна од која тој не може (или не сака) да побегне. Впрочем, и Снежана оваа книга ја посветила на оној пред себе и на оној по себе, на својот син и на својот татко“.
Калина Малеска, пак, пишува:
„Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков (Или-Или, 2019) е роман заснован на вистинска приказна, а во него се внесени записи од реални документи и досиеја, биографија, страници од весник, магнетоскопски запис. Но приказната е и наративно обликувана во структура која сите овие записи од реалноста ги става во контекст на семејниот живот, даден преку перспективата на повеќе наративни гласови, а во чии рамки сите членови – изложени на животните предизвици со кои се соочуваат – страдаат и созреваат.
Снежана Младеновска Анѓелков (1977, Скопје) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето „Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа“ се стекнува во 2012 година.
Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, „Или-Или“) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, и истата потоа доживеа уште две изданија.
Во 2014 година ја издаде филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ („Или-Или“) посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски. Како автор е застапена во тематската збирка раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.