Интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од авторката Александра Тодоровиќ ќе биде промовирана на 10 јуни (четврток), во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Делото, кое е посветено на Скопје во периодот под османлиска власт, е илустрирано од Марко Јанев, автор со богато професионално портфолио кој живее во Виетнам. Промоцијата ќе ја води Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“.
Станува збор за роман-авантура, базиран на концептот прашање и одговор, каде што самиот читател го одредува текот на настаните и дејството, преку избор на страницата што ќе се сврти. По првпат на нашиот пазар, ваквата иновативност е директно поврзана со податоците за градот и аспектите од неговото културно наследство: спомениците, настаните, начинот на облекување, храната, јазикот и друго.
Авторката Александра Тодоровиќ вели дека минала долго време во истражување на историското богатство на Скопје со цел соодветно да ја конципира книгата.
„Мистериозниот град под калето“ е првата книга од серијалот книги за деца „Скопје од А до Ш“. Во неа се обработува османлискиот период на Скопје. Со овој период всушност ја почнувам авантурата за Скопје. За оној дел пред Османлиската Империја, за време на Византија, има многу малку податоци и затоа се одлучив да почнам од периодот на Скопје под османлиска власт. Серијалот е замислен така што секоја книга ќе обработува различни историски периоди на градот. Понатаму дејството би продолжило во втората книга за Скопје во време на Кралството СХС, постземјотресно Скопје и приказната би се заокружила со модерно Скопје – вели авторката, за која ова е трета книга, а веќе подготвува и нови изданија.
„Мистериозниот град под Калето“ имаше и своја онлајн-промоција пред неколку месеци. Книгата е во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“, и веќе може да се купи во сите книжарници „Литература.мк“, како и да се нарача онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.