Новата книга за деца „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од авторката Катерина Трајановска ќе биде промовирана вечерва (петок, 20 декември), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Книгата која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е со илустрации од Калиопи Трпчева.

Промоторка на книгата ќе биде проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, од Катедрата за општа и компаративна книжевност.

Во средиштето на „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ е детската игра, конкретно, авантурите на главните ликови: Лили, Мечкина Канџа, Змејски Очи, Зиги и Гризли. Покрај децата, во фокусот на книгата се релациите: возрасни (родители) – деца, деца – деца, деца – ликови од бајките итн. Приказната поттикнува развивање на емпатијата, фантазијата и ја развива љубовта кон читањето и раскажувањето приказни.

Оваа приказна не почнува со еден убав сончев ден на ливада, ниту, пак, со викенд на градската плажа. Па, дури ниту со прошетка во продавницата за дрвени играчки. О, не!
Таа почнува на најсмешен, најчуден и најневеројатен начин, кога Оливер Томпсон Мекензи III, едно петгодишно дете од Шкотска, одбило да се капе во недела – одлука што длабоко ги вчудовидела и стаписала неговите родители. Оли стоел цврсто на својот став: не прифаќал ниеден компромис и одбивал по секоја цена да ги стави нозете во водата, која, како и обично, мирисала на градина со зрели малини.

Дури кога конечно го прашале зошто не сака да се капе, Оли им раскажал на своите родители за еден настан што вклучува една дружина од петмина, една метла, една Вештерка, една пита од броколи и, како да ви кажам, еден пар смрдливи чорапи.

Авторката Катерина Трајановска е родена во Скопје, во 1990 година. Љубовта кон читањето книги ја негува уште од раните училишни денови кога добива инспирација за пишување песни и раскази. Средното училиште го завршува во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ од каде што се запишува на додипломски студии на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во текот на студиите, повремено работи како аниматор за деца и цртачка на лица. Две години по дипломирањето, се запишува на академијата „Сивус“ каде што посетува курс за веб-дизајнер, позиција на која и работи од средината на 2016 година до денес. Во 2017 година се преселува во Берлин каде што моментално живее и каде што ја има напишано својата прва книга „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.