„Зи-Зи (топ)“, „Ван Гог“, „Круг“, „Сабвеј“. Сале Арарат, Зоки Панкер („Балет“), Роки, Силва и Ѓоко, Соња Андерграунд, Деко, Панде (МКЦ), Миле и Драги („Пони“ и „Браво“) , Реџеп Пампур Ружниот, Рокабилите, Ситна, „Океан Пацифик“, Замокот во Црниче, Коцка, …Тоа се луѓето, местата, феномените кои Васко Марковски ги опиша во „Урбани легенди“, книгата која во издание на „Бегемот“ ќе биде промовирана вечерва, во недела на 27 јануари во Кино Култура (20,30 часот) на завршната вечер од книжевниот фестивал „Арт Ареа 2“. Промотори на книгата се Иван Шопов и Александра Јуруковска.

Последниот ден на Фестивалот почнува со ретро трип низ македонската документаристика во 19 часот, а Фестивалот завршува со концерт на „Летечки пекинезери“.

„Урбани легенди“ содржи приказни за 50-тина урбани легенди, главно од Скопје, но и од Охрид, Струга, Битола и хронолошки тие опфаќаат период од педесетина години, од катастрофалниот земјотрес на Скопје во 1963 година па до денес.

Васко Марковски е новинар, фотограф, преведувач, туристички водич, но и хроничар на Скопје, град во кој сè уште убаво се живее. Иако сме ги читале неговите легенди во неделникот „Форум“, секој петок, во период од 2010 до 2011 година, сега, која ја имаме книгата во раце одново откриваме еден нов свет и ни се враќа насмевката на лицето. Па посакуваме да одиме до пазарот во Тафталиџе да провериме дали Сале Арарат уште е таму и поправа чевли, бидејќи Сале е институција! Или пак веднаш добиваме желба да го чуеме Роки како пее како вокалист на „Women Haters” или пак на „Blue Funky Individuals“ и на сите свирки на кои сме биле. Добиваме и желба да се чекаме со некого на „Рекорд“, под второто „Р“ или кај чешмичката. Во книгата на Марковски во уши ти свири музиката на „Океан пацифик“, ги слушаш како свират Канго и Сецко и си викаш: Вечерта ќе ја завршам во „Балет“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.