Во четврток, осми јули, во кафе-книжарницата Буква со почеток од 20:30 часот ќе се одржи промоција на збирката раскази „Тешко ќе најдеш добар човек“ од Фланери О’Конор, во издание на издавачката куќа „Темплум“.
Се работи за збирка раскази на една од најзначајните американски писателки и есеистки. Ова е првата книга од О’Конор преведена на македонски. За книгата ќе разговаат преведувачката Румена Бужаровска и уредникот на Темплум, Никола Гелевски.
Секоја реченица кај О’Конор е експлозивна и повеќезначна. Нејзиниот јазик живописно го отсликува говорот на американскиот Југ – оттаму и предизвиците при преводот. Тоа е така бидејќи и покрај тоа што нејзините приказни се универзални, нивниот идиом е локален, типичен за Југот на Америка – и токму тоа им ја дава нивната богата неповторлива обоеност. Расказите коегзистираат во извонредна мешавина од комичното и сериозното, со што голем дел од ликовите и ситуациите наликуваат на гротески. Најголема заслуга за присуството на хуморот во нејзините дела е секако нејзиното извонредно чувство за деталите, како и сатиричната намера која е подлога на поголемиот дел од текстовите: неретко нејзината цел е да ја исмее неукоста, себељубието и себичноста на човекот, вели за книгата, Бужаровска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.