Книгата „Се што знам за животот“ од Тихомир Јанчовски ќе биде промовирана на 20 јуни (недела) во 20 часот. За „Сѐ што знам за животот“ ќе зборува проф. д-р Ристо Солунчев.
Во продолжение, пренесуваме извадок од книгата.
„Што знам за животот?
Можам да думам крајно зихерашки и лицемерно, и шаблонски да изложам и излажам дека за животот знам многу малку, и дека е невозможно за него да се знае многу, и дека сето мое знаење е само зрнце песок во непрегледната пустина нац’цкана со огромни и непостојани песочни дини… или дека е „капка вода во океанот“. Боже, колку лита и исцедена фраза! Како не? Знаењето можеби е кревко и небитно, но постои – го има.
Зар треба да се испие или преплива сета вода на светов за човек да го познава нејзиниот вкус и мирис, нејзината боја, или тоа што се претвора во лед и пареа? Животот е неверојатно прост и непосреден, а маката во неговото разбирање ја создаваат бескрајните празни мудрувања и комплицираната поделена и ситно насечкана свест што се проицира себеси во него и сака да го гледа налик на себе: сакат, искинат, испокршен, фрагментиран, неспоив, налудничав, нелогичен, бесловесен, минлив, непотребен, тегобен, мачен…
Нема врска, животот е еден, животот е едноставен, животот е убав.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.