В среда, на 6 март (19 часот) е закажана промоцијата на книгата „Џиновска продавница за фантазии” од авторката Бистра Георгиева, (среда), во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Книгата во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е со илустрации од шпанската илустраторка Моника Каретеро.

„Џиновска продавница за фантазии“ е книга која ја претставува детската фантазија, сосема поинаква од онаа на возрасните: безгранична, нелогична, разиграна, смешна и максимално креативна. Главниот протагонист е Џинот, кој имал безброј фантазии, па решил да отвори продавница за фантазии, за да може секој да ги купи оние што му недостигаат. Оваа сликовница се разликува од останатите по својот џиновски формат.

Бистра Георгиева е дипломиран социолог, магистер по комуникации и има завршено филмски колеџ во Данска. Својата професионална кариера ја почна како волонтер во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, по тоа работи на неколку филмски проекти. Шест години беше дел од невладината организација „ОХО“, со ангажман на проектот „Пет плус“. Има напишано и сценарио за цртаниот филм „Едно поинакво пријателство“. Три години беше уредник во „Фчерашни новости“. Моментално работи како раководител на канцеларијата Креативна Европа МЕДИА за Македонија.

„Џиновска продавница за фантазии“ е нејзина втора книга за деца, по сликовницата „Ото, Ото и Ото“, исто така работена во соработка со Моника Каретеро – моментално една од најдобрите илустраторки во светот. Каретеро има издадено преку 70 книги во Шпанија, Англија, Австалија и САД и е добитник на повеќе престижни награди меѓу кои за најдобра книга на лондонскиот и на шпанскиот саем на книги.

Промоторка на книгата „Џиновска продавница за фантазии“ во „Литература.мк“ ќе биде уредничката на изданието, Билјана С. Црвенковска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.