На 9 октомври, во Гевгелија ќе биде промовирана книгата “Културната дипломатија на СФРЈ и културните дипломатии на државите-наследнички” од д-р Васко Шутаров. Промотори на ова дело ќе бидат професорите од Правниот факултет при Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип, проф.д-р Јован Ананиев и проф.д-р. Јадранка Денкова.
Книгата е резултат на едно подолго научно истражување и докторска дисертација, но и личен интерес на авторот за пронаоѓање одговори на бројни прашања од времето на распаѓањето на поранешна СФРЈ и создавањето нови држави-наследнички. Книгата во најголем дел содржи научни истражувања поврзани со културолошките маркери на зближување но и разијдување на културите на поранешните југословенски републики и покраини, како и актуелните состојби на културолошки план помеѓу новосоздадените држави. Книгата не претендира на една и единствена причина за распадот на Југославија (а ги третира скоро сите најважни), но пледира на исклучително важното влијание што културата го имаше во тие процеси. И од аспект на таквата културолошка опсервација на распадот, оваа книга е една од ретките во научната мисла во државите произлезени од поранешна Југославија.
Ова е второ пообемно дело на д-р Васко Шутаров, посветено на културната дипломатија. Неговата прва книга за “Јавната и културната дипломатија” освен во нашата земја, беше преведена и издадена и во Р. Бугарија, а автор е и на 20-на меѓународни научни трудови кои ја третираат оваа област од меѓународната политика.
Д-р Васко Шутаров е поранешен пратеник и дипломат, кој и во двете функции активно работеше на план на културата, креирањето на културни политики и културна дипломатија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.