Во вторник, 29 октомври 2019, со почеток во 19,19 часот, во Салонот 19,19 на КИЦ-Скопје, ќе се одржи промоција на книгата „Ќе се завијам во песни“од Снежана Стојчевска. Книгата е во издание на Книгоиздателството МИ-АН од Скопје, а промоцијата е во соработка со Културно-информативниот центар на Скопје. Промотори се Мишел Павловски и Владимир Мартиновски.
Поетската збирка на Снежана Стојчевска „Ќе се завијам во песни“ на очиглед го поставува автобиографското. Таа го варира мотивот на загубата на таткото, еден од најчестите во светската книжевност. Она што е специфично за оваа збирка, лајт-мотивот на светската поезија – загубата на ближниот – го вткајува во вековната македонска традиција манифестирана во обичајот оној што тагува да се завие во црно. Стојчевска овој адет го инверзира. Наместо да ја одбере пасивноста, црнилото и изолираноста, таа го одбира креативното одболување, активноста наспроти помирливоста, поезијата наспроти молкот. На тој начин, не само што добиваме Песни со голема почетна буква, туку добиваме и своевиден споменик на човекот по кого се тагува. Тој е тука, во нејзините песни, во нејзиниот исказ, во книгата. Уште повеќе, Таткото во книгата е најконкретно – преку факсимилите на неколку негови песни, се прави креативната спона меѓу двете поезии, така што Татковите песни можат да се исчитаат како интертекстуална предлошка на песните на Ќерката.
Снежана Стојчевска е родена 1980 година во Скопје. Дипломира на Инситутот за Педагогија при Филозофскиот Факултет во Скопје. Во 2012 ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ во издание на ИЛИ ИЛИ, како дел од едицијата Русалки во која се јавува како уредник. „Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели Мугри“ за 2013 година, што ја доделува Домот на културата Кочо Рацин Скопје. Во 2015 година ја објави третата поетска книга „Модри фантазии“ во издание на издавачката куќа Темплум. Нејзината последна книга „Треба да е лесно“ излезе во мај 2017 година во издание на издавачката куќа Антолог, а беше промовирана на BookStar 2017 – фестивал за европска литература.
Од од 2012 до 2013 година беше активна како уредник на радио емисијата за поезија: „Песни, приказни и сон“ на канал 103, кадешто ја претставуваше поезијата на својата генерација. Исто така беше организатор и учесник на работилницата за книжевност: Креативен викенд во Лазарополе „Кратки книжевни форми“ (октомври 2012, 2014)
Застапена е во повеќе антологии на млада македонска поезија
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.