Промоцијата на книгата „Ќе фатит бран” од поетесата Долорес Атанасова-Лори ќе се одржи на платото пред МКЦ, на 5 јуни (сабота) со почеток во 20 часот.
На промоцијата ќе говорат Јане Чаловски и Биљана Стојановска, рецензент на книгата, а стихови ќе читаат Ана Голејшка Џикова, Снежана Стојчевска, Андреј ал-Асади и Јосип Коцев. Музиката за промоцијата е на Горан Атанасов, а видеото е дело на Гала Атанасова.
Долорес Атанасова-Лори е четвртиот добитник на наградата „Тодор Чаловски“, која Здружението за култура, литература и уметност „Галикул“ ја доделува од 2016 година како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на својот основоположник и еден од најистакнатите современи македонски писатели, поетот, литературен критичар, преведувач и есеист Тодор Чаловски (1945–2015).
Долорес Атанасова-Лори (Д.А. Лори) е родена на 26.10.1974 година во Германија. Раното детство го поминува во Германија, а потоа се сели со семејството во Охрид, каде што ги поминува остатокот од детството и средношколските денови, сè до заминувањето во Скопје на студии по англиски јазик и книжевност во 1993 година. Д.А. Лори денес работи како професор по англиски јазик во Скопје. Поезијата на Д.А.Лори е исто така објавена во монографијата на „Астални проекции“, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост”. Таа е добитник на интернационалната награда на „Антево слово”, која за првпат беше доделена во 2017 во состав на италијанската поетска манифестација „Ангело ла Векија“. Досега нејзината поезија е преведена на германски, англиски, српски и шпански јазик.
Автор на дизајнот на корицата е Илијана Петрушевска. Книгата е дел од годишната програма на „Галикул“ и е подржана од Министерството за култура во програмата од издавачка дејност и манифестации за 2020 година.
Настанот е организиран согласно протоколите за организирање настани во отворен простор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.