Промашениот живот, неверството и грижата на совест се трите главни теми со кои се занимава „Мојот маж“, вели режисерката на претставата Нела Витошевиќ, чија премиера е закажана во сабота, 15 февруари, во Драмскиот театар во Скопје во 20 часот. Витошевиќ се враќа во Драмски по пауза од две години, кога ја режираше „Странци“, која е една од најбараните претстави.
Инаку, „Мојот маж“ како проект на Кино Култура два пати бил одбиен од Министерството за култура и тоа со некое банално образложение, објасни Витошевиќ.
Претставата „Мојот маж“ е работена според истоимената книга раскази од писателката Румена Бужаровска и документарен материјал произлезен од авторските монолизи. Од збирката раскази на Бужаровска се избрани шест („Супа“, „Празно гнезо“, „Прељубник“, „Осми март“, „Гени и Лиле“) чија драмска адаптација ја направија Викторија Рангелова-Петровска и режисерката Витошевиќ. Дејствата од расказите на Бужаровска , како и авторските монолози кои ги говорат актерите тематски се цврство поврзани со поднебјето и времето во кое се одигруваат, без притоа да се засноваат на дневно-политички актуелности.
„Мојот маж“ отвора три клучни теми: промашен живот во депресивно опкружување, неверство и грижа на совест. Се обидовме да нурнеме во своите мисли и да трагаме по психата за да отвориме горливи прашања во нашето општество. Преку отворање ранливи точки да проговориме за некои стигми и табуа кои се длабоко вкоренети во македонскиот конзервативизам и патријархат и на многу искрен и реален начин да воспоставивме дијалог, не само со расказите на Румена, туку и со самата публика. Така што, целата претстава е наш дијалог со нејзините раскази и со самата публика, вели режисерата Витошевиќ.
Во претставата играат: Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева-Велиќ, Исмет Шабановиќ, Игор Ангелов, Сара Климовска и Филип Трајковиќ.
Тие ја опишаа претставата како емотивна, искрена и храбра зашто на сцената се „соголуваат“ и себеси, раскажуваат вистински лични приказни, некои што не ги кажале ни пред најблиски.
Секој од нас вади парче од својот живот на сцената. Но не за да покажеме колку можеме да се отвориме, туку за да им помогнеме на оние што се идентификуваат со она што е на сцената, рече Арсовска.
Костимите се на Роза Трајчевска-Ристоска, сценографијата на Константин Трпеноски, а изборот на музика на Витошевиќ. Репризата е на 20 февруари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.