Професори од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски” во Скопје преку допис до јавноста се жалат од раководењето на в.д. директорот Филип Фидановски кој, како што велат, вовел настава со физичко присуство во услови кога заболени од ковид се 15 професори.

Сакаме да ја известиме јавноста дека в.д. директорот Фидановски во овие услови на пандемија со преку 50 починати дневно и забрана за групирање на повеќе од 4 лица, воведе осумчасовно работно време за професорите и повторно воведе настава со физичко присуство. Сето ова во услови на заболени 15 професори. И самиот в.д. директор е заболен и не доаѓа на работа, но од дома се чини полесно му е да дава наредби“, се наведува во соопштението кое е потпишано од 20 професори во средното уметничко училиште.

Според нив, в.д. директорот на раководи со училиштето, туку како што велат, „владее тотално диктаторски“.

Иако советот на родители писмено реагираше против настава со физичко присуство, в.д. директорот не сакаше да ја стави оваа точка на дневен ред на последниот наставнички совет. Тој не дозволува конституирање на училишен одбор иако се избрани преставници од професорите и родителите преку советот на родители. Тој ова го прави бидејќи неговиот мандат истекува за еден месец, а започнувањето на постапката за избор на директор согласно законот за средно, започнува три месеци пред истекот на мандатот“, посочуваат во дописот до јавноста професорите.

Тие исто така нагласуваат, дека за овие проблематики досега повеќепати имаат реагирано до инспекторатот, министерката и премиерот.

Тој не сака или не знае да соработува со колективот. Подршката на своето владеење уште на самиот почеток ја бара само во министерството, односно кај моќниците кои се на позиција, наместо да ја бара во колективот. Не умее или не сака да ја негува култивираната комуникација, ниту во соработката со родителите, ниту со учениците“, нагласуваат загрижените професори, потпишани во дописот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.