На 13 ноември во Кинотеката на Македонија, со почеток во 18 часот, премиерно ќе биде прикажан краткиот филм за Скопје, насловено “Тајните архиви на Скопје”. Носител на проектот „Тајните архиви на Скопје“ е НУФЦ Вардар Филм, кој има за цел зачувување и афирмација на материјалното и духовното современо културно наследство на градот Скопје.

Проектот е инициран, конципиран и координиран од Катерина Габунија, дигитализацијата и дигиталната обработка се на Александар Трајковски, обработката на тон е на Сашко Потер Мицевски, а гласот на Дарко Ристовски. Проектот е реализиран во соработка со Кинотека на Македонија. Колажот од видеа креира всушност лична, емотивна приказна за Скопје и Скопјани, раскажана низ четирите годишни времиња. Идејата на проектот е да не се влијае дополнително на материјалите, ниту пак да се врши измена во монтажата; туку да се прикажат истите во реално светло, онака како што неколку децении наназад биле првично монтирани и режирани од самите протагонисти, соопштуваат од „Вардар филм“.

Архивските снимки од Скопје кои до сега не биле видени ќе отклучат еден нов лик на градот што со децении бил скриен и заборавен во домашните семејни колекции. Тој во себе ги чува тајните на овој град и неговиот развиток во текот на децениите.

Процесот на реализација на овој проект започнува со дигитализација на материјалите добиени по пат на јавен повик, потоа се преминува кон монтажа на слика и звук, како и проекција на краток филм за Скопје, каде главните протагонисти се обичните граѓани на Скопје. На овој начин, преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8мм и супер 8мм) од домашната архива на Скопјани се открива скриено богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани, ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи, велат од Вардар филм.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.