Продукцијата „Кино Око“ објави повик за кастинг за детето кое ќе го глуми главниот лик во новата играна тв-серија „Зоки Поки“.

Кастингот, кој е отворен за сите деца на возраст од 6 до 9 години, ќе се одржи на 17 и 18 мај, од 10 до 17 часот во основното училиште „Јан Амос Коменски“ – Скопје.

„Зоки Поки“ на Оливера Николова е книга за деца првично објавена во 1963 година од страна на „Детска радост“, по што следувале голем број изданија. Повеќе од половина век книгата била задолжителна лектира за учениците во македонските основни училишта. Преведена е на српски, романски, украински, чешки, италијански, словенечки, турски, албански и германски јазик.

Режисерот Александар Поповски и продуцентот Роберт Насков се одлучиле за екранизација токму на „Зоки Поки“ не само затоа што сметаат дека ова култно литературно дело е релевантно за многу различни генерации, туку и поради недостаток на домашна ТВ програма за деца. Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, Поповски и Насков сакаат да создадат ТВ проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното „брзо“ време.

„Зоки Поки“ е прв заедничи проект на Поповски и Насков по филмот „Балканот не е мртов“ во 2013 година. Последен ТВ проект на Насков и „Кино Око“ е ТВ-серијата „На терапија“, која е првата македонска ТВ серија снимена според странска лиценца.

Доколку сте заинтересирани за кастингот и Ви се потребни повеќе информации, лице за конакт:
Киријана А. Николоска – тел. 070/538-467 и е-маил casting@zokipoki.mk

Повеќе информации за оваа ТВ серија очекувајте на ZokiPoki.mk.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.