Вечерва во кино „Фросина“ во Младински културен центар (МКЦ) во 21 часот е проекција на филмот „Смислата на животот“ (Meaning of life) на која ќе присуствува и продуцентот Стив Абот, кому Фестивалот на европски филм „Синедејс“ ќе му ја додели наградата за наградата за Долгогодишното посветено работење на „Монти Пајтон“. Наградата ќе ја врачи амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј.

Проекцијата е бесплатна и отворена за сите љубители на филмот.

„Синедејс“ годинава реши да го одбележи јубилејот 50 години „Монти Пајтон“ во рамки на посебен настан насловен „Оф Синедејс“ каде што беа прикажани петте филмови што ги има снимено легендарната британска група. Абот беше менаџер на „Монти Пајтон“ од 1979 до 1997 година, освен наградата за животно дело одржа и мастерклас.

Мајкл Пејлин, Џон Клиз, Ерик Ајдл, Тери Џонс, Тери Гилијам и сега покојниот Грем Чепмен, обединети во „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“, засекогаш го променија светот на комедијата со својот надреален хумор кога првпат се појавија на британската телевизија на 5 октомври 1969.

Вечерва во гала програмата на „Синедејс“ е филмот на Вуди Ален, „Дождлив ден во Њујорк“ чија проекција е распродадена. Репризата е закажана за утре (14.11) во кино „Милениум“.

Во 22 часот е закажана проекција на музичкиот документарец „Електричен оргазам за идните генерации“, а во 21,20 часот во МКЦ е промоцијата на книгата на Борислав Пешиќ Благоја, „Лонг плеј – забелешки за времето“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.