Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставата „Глембаеви, уште една легенда“, од 18 до 22 ноември, гостува во Загреб, на престижниот фестивал „Еуроказ“. Пред загрепската публика на 19, 20 и 21 ноември ќе ја изведе заедничката претстава, која премиерно беше прикажана во октомври во прилепскиот театар.
Режисер на претставата, која е копродукција со „Еуроказ“, е Бранко Брезовец, композитор е Никола Мицевски, сценографка е Ивана Кнез, а играат осум актери од ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ и пет загрепски артисти.

Проектот „Глембаеви, уште една легенда“ настанува како финален резултат на долгогодишното интересирање на хрватскиот режисер Бранко Брезовец за драмата „Господа Глембаеви“ на Мирослав Крлежа, која тој досега трипати ја има поставено на сцена, и тоа во Риека, Загреб и во Прилеп. „Глембаеви, уште една легенда“ ја поместува драмата на Крлежа од хоризонтот на мотивациска ибзеновштина и ја приближува кон стринберговската приватна симболика на патот за Дамаск.

Уметничката организација „Еуроказ“ е основана во 1987 година како фестивал на нов театар, кој во текот на своите 27 фестивалски изданија се профилирал како еден од највлијателните фестивали во регионот и на кој настапиле над 300 уметнички групи од целиот свет. Фестивалот се одржуваше во континуитет од 1987 до 2013 г. Од 2006 година „Еуроказ“ се оддалечува од презентациската и информативната функција и станува продуцент и копродуцент на проекти со домашни и меѓународни уметници и партнери, а од 2014 година продукцијата станува главната дејност на „Еуроказ“. Од самите почетоци, тој повикувал и соработувал со македонските театри. Ова е второ гостување на прилепскиот театар на „Еуроказ“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.