Во вторник, на 16 април во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, со почеток од 20 часот, ќе се оддржи четвртото издание на Меморијалната манифестација „Пријателите за Ристо“.

Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“ е посветена на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол (1957-2015). На денот на раѓањето на големиот уметник и човек, неговите долгогодишни пријатели, соработници и соборци, со избор дела од неговиот последен работен циклус, со видео материјал од неговиот живот и творење и со музички перформанс на „Jazz All Night Trio“ ќе потсетат на еден величенствен уметнички и животен пат. Специјален гостин, уметник на ова издание на „Пријателите за Ристо 2019“ е Елпида Хаџи – Василева, големиот кавадаречки, македонски и светски уметник. На манифестацијата ќе бидат изложени нејзини дела.

Елпида, дете на Кавадарци, дете на кавадаречката чаршија, во чест на човекот кој и беше и пријател и соработник се придружува на чествувањето на големиот Ристо Соколов Сокол.

Организатор на Меморијалната манифестација „Пријателите за Ристо 2019“ е Здружението за алтернативна култура „Алтер Центар“ Кавадарци, во чиј склоп работи неформалната група уметници „Сокол Арт“, а во соработка со Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци.

Изложбата која ќе биде отворена на манифестацијата, за љубителите на уметноста ќе трае до 22 април.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.