КСП Центар-Јадро продолжува со серијата на презентции посветени на македонските визуелни уметници. Во Кафе книжарница „Буква“, в четврток, 10.06.2021 со почеток во 20 часот ќе биде претставена Славица Јанешлиева.
Во текот на последните години бевме сведоци на недостаток на континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена. Многу наши уметници имаат многу богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност. Оттаму, сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена. Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претстават избор од своите најрепрезентативни проекти.
Оваа програма ја реализираме преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.
Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.***
Серијата на презентации ја продолжуваме со преглед на исклучителните дела на Славица Јанешлиева, презентирани од крајот на 1990-те години до денес, период кој се поклопува со драматичниот период на транзицијата, идентитетските прашања врзани за личните и колективни сеќавања, како и проблемите за зачувување на општествената сфера.
Со презентацијата ќе се направи преглед на делата со акценти на неколку позначајни проекти,
од различни периоди и фази, почнувајќи од пораните дела и проекти (1997,МКЦ) и (1999, Центар за современи уметности), во соработка со Сузана Милевска, како и некои поскорешни покомплексни самостојни проекти/инсталации како „Крик“ (2002, МСУ-Скопје), и „Калемење“ (НГ-Мала станица).Во разговорот ќе стане збор и за некои позначајни меѓународни групни изложби како „Лаф Муабет“ од 2001 година, како и учеството во поновите групни изложби и претставувања на македонската современа уметност во организација на Арс Акта.
Творештвото на Јанешлиева се карактеризира со препознатлива способност за визуелна нарација,пренесена преку изразен мултимедијален и интермедијален пристап, инкорпорирајќи различни медиуми како графика, објект, уметничка инсталација, цртеж, фотографија, видео, уметничка книга итн. Со своите дела преку малите наративи и личните сеќавања на специфичен начин ја преиспитува улогата на уметноста во современиот контекст.
Некои од највпечатливите дела на Јанешлиева, препознатливи и репрезентативни за уметноста по 2000 година, со својот препознатлив ракопис и изразена мултимедијалност, се релевантни за разгледување на актуелните проблеми и предизвици на уметноста и нејзината улога во општествената реалност, велат организаторите..
Славица Јанешлиева (1973, Скопје), визуелна уметница која живее и работи во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика, во класата на проф. м-р Зоран Јакимовски во 1996, а магистрирала на истиот факултет, под менторство на проф. м-р Димитар Малиданов, на област графика во 1998 година.
Иако по образование е графичар, таа е автор со изразен мултимедијален и интермедијален пристап, со препознатлив исказ и исклучителна дарба за визуелна нарација ги пренесува преку различни медиуми: графика, објект, уметничка инсталација, цртеж, фотографија, видео, уметничка книга итн. Нејзините дела се изложувани на жирирани и курирани национални и меѓународни изложби низ целиот свет (30 самостојни изложби и околу 300 групни изложби). Добитник е на повеќе меѓународни и национални награди и признанија, а дел од нејзиното творештво збогатува значајни колекции во земјата и странство. Реализирала резиденцијални престои, учествувала и организирала професионални и студентски семинари и работилници, меѓународни предавања и курирање на изложби.
Од 2006 година предава на УКИМ, на Факултетот за ликовни уметности, Катедра по графика. Во 2018 година докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Катедра за компаративни студии, под менторство на проф. д-р Владимир Мартиновски.
Владимир Јанчевски(1984, Скопје), дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност(2009-2011).
Од 2004 година организирал, курирал и учествувал на многубројни настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии во земјата и странство.Бил член на јадрото на уметничката иницијатива „Кооперација“ (2012-2015).
Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура – VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции.
Автор е на повеќе од 50 текстови за современа уметност и визуелна култура. Се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, ангажирана уметност и интервенции во јавен простор, иконокластички акти и визуелни конфликти.Во 2019 година добитник е на наградата за развој на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“ доделена од Здружението на ликовни критичари АИКА – Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.