По едномесечен престој во рамки на програмата на Проектниот простор Прес ту егзит, „Иницијатива за кураторски гостувања“, на 13 декември (четврток) со почеток во 18.00 часот во Музејот на современата уметност во Скопје, Каталин Ердоди ќе направи презентација на нејзиното тековно истражување кое се однесува на критичките уметнички практики во и за руралното, и нејзиниот интерес за истражување на општествените промени во пост-социјалистичките рурални простори преку уметнички и кураторски стратегии.

Каталин Ердоди ќе се осврне на примери на уметнички и кураторски пристапи референтни за нејзиното истражување, но и ќе ја претстави сопствената кураторска работа, особено преку соработката со уметницата Антје Шиферс (Myvillages) и тројца земјоделци во Унгарија, што резултирало со проект насловен „Сакам да бидам земјоделец и би сакал тоа да останам“ а реализиран во 2017-2018 година во три села/градови, и во Будимпешта, во партнерство со Ludwig Museum – Музеј на современата уметност.

Ердоди, исто така, ќе даде увид во нејзиното едномесечно истражување во Македонија, реализирано преку средби со уметници, културни работници, истражувачи и активисти, како и земјоделци, трговци со зеленчук и овошје, наставници и локални селани. Таа ќе ги постави прашањата: – На кој начин го перцепираме критичкиот ангажман со руралното и руралната уметност во Македонија, базирано на (реализирани и нереализирани) уметнички и активистички проекти, како и локални истории и традиции, и како истите се доживуваат денес?

Преку насловот „Друга Унгарија, друга Македонија? Критичка рурална уметност и субалтерна контрајавност“, Ердоди реферира на самостојната изложба „Друга Унгарија“ од 2013 година, на познатиот уметник Имре Букта, самопрогласен „земјоделски уметник“, чија пракса со децении беше посветена во обидот да се ангажира во, и да ја прикаже својата непосредна рурална средина, селото Mezőszemere, адресирајќи ја (не)видливоста на современите рурални реалности во уметничкиот, како и во јавниот дискурс.

Истражувачите од областа на руралните студии и човечката географија истакнуваат дека оваа другост на руралното станува двојна другост кога се зборува за „постсоцијалистичкиот рурален простор“, заради дополнителната разлика меѓу западните и не-западните контексти.
Кога се преиспитува културната (како и политичката и социо-економската) хегемонија на урбаното, важно е да се праша: Што може да биде критичка рурална уметност, и што истата може да концептуализира и евентуално да постигне? Може ли таа – меѓу другото – да генерира субалтерна контрајавност, поаѓајќи од критиката на Ненси Фрејзер за Хабермасовата идеја за (либерална буржоаска) јавна сфера?

Во рамки на презентацијата ќе биде прикажан и краткиот филм изработен од фармерот со лубеници Јанош Салаи во соработка со Антје Шиферс и Каталин Ердоди, по што ќе следи разговор со публиката.

Каталин Ердоди (1980, Дебрецен, Унгарија) е кураторка, истражувачка и културна работничка активна во полето на современата уметност и перформанс од 2004 година. Нејзината пракса се фокусира на интердисциплинарни соработки, политички ангажирани уметнички и кураторски стратегии, експериментални перформативни формати и уметност во јавен простор, во широка смисла разбрана како општествен, архитектонски и дискурзивен простор. Таа живее и работи во Виена.

Гостувањето на Каталин Ердоди е дел од годишната програма на Проектниот простор Прес ту егзит со наслов „Недисциплинирани форми на знаење“, а поддржано од Министерство за култура на РМ. Овогодинешни партнери на Прес ту егзит се Музејот на современа уметност, Скопје и Контрапункт, Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.