КСП Центар-Јадро денеска во 20 часот во Кафе книжарница Буква, започнува со серијата на презентации посветени на македонските визуелни уметници.

Во текот на последните години бевме сведоци на недостаток на континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена. Многу наши уметници имаат многу богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност. Оттаму, сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена. Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претстават избор од своите најрепрезентативни проекти.

Оваа програма ја реализираме преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес, велат од Јадро.

Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.

Оваа серија презентации на наше големо задоволство ќе ја започнеме со потсетување со избор на впечатливите дела на Игор Тошевски, создавани во последните три децении, во време на сложен развој на настаните по падот на Берлинскиот ѕид и распадот на Југославија.
Преку својата уметничка активност која опфаќа различни медиуми и впечатлив суптилен ангажман, Тошевски на специфичен начин ги преиспитува улогата на уметноста во социополитичкиот контекст, нивната нераскинлива врска и можностите преку симболичкиот простор да се дејствува врз општествената реалност. Меѓу делата кои го одбележаа не само творештвото на Тошевски, туку и станаа амблематични за придонесот на локалната и регионална уметничка сцена, неодминливи се инсталацијата „Досие ‘96“, потоа серијата интервенции насловени „Слободни територии“, како и реконтекстуализираните инсталации започнати со самостојното претставување во МСУ-Скопје во 2012 година како „Љубовта неразбирлива“, кои во различни форми се развиваа преку процеси на симболичко омеѓување и мапирање, ја задржуваат својата релевантност и денес кога се соочуваме со најновите актуелизации на нерешените идентитетски и територијални спорови во регионот и во светот, соопштија организаторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.