Вечерва во Short bus со почеток во 21 часот ќе продолжи преставувањето на македонските визуелни уметници со разговор со Велимир Жерновски.
Во текот на последните години бевме сведоци на недостаток на континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена. Многу наши уметници имаат многу богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност. Оттаму, сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена. Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претставатизбор од своите најрепрезентативни проекти.
Оваа програма ја реализираме преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес, соопштија организаторите.
Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.
Серијата на презентации на македонски уметниција продолжуваме со преглед на творештвото на визуелниот уметник Велимир Жерновски.
Велимир Жерновски(1981), работи и живее во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје.
Работи цртежи, видеа и фотографии, преку кои ги истражува промените во урбаната култура и прашањата поврзани со сексуалноста и родовиот идентитет, како и прашањата поврзани со постојаната транзиција, како на личниот, така и на идентитетот на сопствената генерација.
Голем сегмент од неговата работа се обележани со три долгорочни проекти Alice, what else is out there? 2007 – 2010 година, циклусот The DISTITLED, 2010 – 2015 во кој се фокусира на родовите теми и нееднаквоста и циклусот BEYOND THE BLACKNESS- до денес, во кој се фокусира на поимите за истражување на вселената, астрофизика и астрополитика.
Работел на сценографијата за националната турнеја на Поган Паган во 2017 година и за претставата Дух | од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јаникиевиќ | во Македонскиот народен театар во 2018 година.
Има остварено повеќе самостојни изложби во Македонија и странство: Белград (2014), Њујорк (2010, 2012), Париз ( 2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009), Скопје (2006, 2007, 2010 , 2012, 2013, 2015) , има учествувано во групни изложби во Србија, Словенија, Косово, Австрија, Германија, Холандија, Македонија, Турција и САД. Тој е куратор и ко-куратор на неколку проекти и изложби и учествувал во повеќе меѓународни проекти и соработки.
Има работено како кураторски асистент на press to exit project space – специјален проект на швајцарската програма за култура во Македонија, работел како истражувач на Универзитетот Евро-Балкан (2011-2013) и активно учествувал во програмата на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници (2011-2015).
Од 2008 Жерновски е ко-основач и претседател на ФРИК Формација за развој на иницијативи во културата, организација која работи на мотивирање на социјално ангажирана уметност продукција и демократизација на општеството, преку предрасудите и стереотипите. Од 2013 е ко-основач на ИПАК центарот во Белград.
За својата досегашна работа е добитник на следните награди : Биенале на млади уметници, 2009, Музеј на современи уметности, Скопје, награда ДЕНЕС 2012, Центар за современа уметност, Скопје и наградата Ладислав Баришич 2016 година, Меѓународна асоцијација на ликовни критичари АИКА во Македонија.
Остварил повеќе резиденцијални престои на програмите на Култур Контакт, Виена Австрија во 2010, ISCP , Њујорк ,2012г, Галерија Ротор 2016, Грац Австрија и CreArt AIR Ваљадолид, Шпанија во 2017 година.
Владимир Јанчевски(1984, Скопје)
Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност (2009-2011).
Од 2004 година организирал, курирал и учествувал на многубројни настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии во земјата и странство. Бил член на јадрото на уметничката иницијатива „Кооперација“ (2012-2015).
Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура – VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции.
Автор е на повеќе од 50 текстови за современа уметност и визуелна култура. Се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, ангажирана уметност и интервенции во јавен простор, иконокластички акти и визуелни конфликти. Во 2019 година добитник е на наградата за развој на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“ доделена од Здружението на ликовни критичари АИКА – Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.