45. издание на Млад отворен театар (МОТ) се отвора утре, вторник, на 24 ноември со претстава во живо, а затворањето на Фестивалот исто така ќе биде со претстава во живо, најави Русе Арсов, в.д. директор на Младонски културен центар (МКЦ) кој го подготвува МОТ.

МОТ ќе трае до 3 декември, а ќе има претстави во живо и фестивалски онлајн претставувања специјално за Фестивалот. Ќе бидат претставени 12 продукции во домашна продукција, како и театарските куќи од Словенија, Србија, Грција и Хрватска.

Овогодишното издание е формула со која се обидуваме да не го прекинеме континуитетот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивали во регионот. И во минатото имало економски кризи, пандемии, војни… но МОТ неамал прекин никогаш, а …ќе има и утре!, велат од МКЦ.

45. првпат хибриден МОТ ќе се случува на три сцени, дома, во МКЦ и Универзална сала.

Сработивме многу годинава и не сакавме да дозволиме единствено да не се случи МОТ. Не ја даваме живата уметност, не го даваме театарот и затоа оптимистички го отвораме и затвораме фестивалот со претстави во живо, бидејќи ќе има и утре, изјави Арсов.

Во десет фестивалски вечери, ќе се видат дури три премиери, „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат, перформансот „Screensaver“, развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.

Фестивалот се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019).

„Универзална во пламен“ е перформанс – есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши.

Додека општеството дебатира дали еден објект во центарот на градот треба да се урива или не, ние на тоа одговараме со уметност. Немаме историска дистанца од општествениот проблем, што е особен предизвик туку сме еден спроти друг со него и си го поставуваме прашањето која е улогата на уметноста сега во општеството и кое е тоа општество кое нé доведе до овде, вели авторскиот тим на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, Кристина Леловац и Филип Јовановски.

Претставата ќе има 5 премиерни изведби – од 24 до 28 ноември.

Цената на билетите за претставите во живо e 300 денари, а онлајн претставите се бесплатни, но неопходен е билет, бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни преку bileti.mkc.mk.

Како последица на ситуацијата предизвикана од Ковид 19, тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.