Издавачката куќа „Готен“ во рамки на проектот „Превод во движење“ (Translation in Motion) организираше претставување и разговор со преведувачките Марјанџела Бјанкофјоре и Анамарија Цинеге Панзова. Бјанкофјоре и Цинеге Панзова во август престојуваат на преведувачка резиденција во Скопје.
Настанот се одржа синоќа во 20 часот, онлајн, поради актуелните епидемиолошки мерки, а модератор на настанот беше Владимир Јанковски.
„Превод во движење“ е проект чија цел е збогатување и засилување на протокот на преведената литература во Европа и особено меѓу земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Во рамки на резиденцијалниот престој, преведувачките работеа на конкретни книжевни преводи и имаа можност дополнително да ја истражат македонската литературна сцена.
За време на својот престој во Скопје Марјанџела Бјанкофјоре работеше на преводот книгата „Идол на ѕидот“ од Елена Филиповска, а Анамарија Цинеге Панзова на преводот на „Антологијата на македонската книжевност“ објавена од Институтот за македонска литература.
Во рамки на разговорот двете преведувачки ќе имаат можност да ги споделат своите искуства поврзани со работата на своите преводи. Истовремено ќе се разговара и за предизвиците со кои се соочуваат оние што преведуваат од македонски на некој друг европски јазик, каков е интересот на странските издавачите за делата на македонските автори, како и за тоа каква е рецепцијата на македонската книжевност во нивните средини.
Марјанџела Бјанкофјоре е родена 1981 година во Италија. Завршила компаративна книжевност и литературен превод на Филолошкиот факултет во Неапол, и постдипломски студии по теорија и практика на литературен превод на Универзитетот во Бари. Од македонски на италијански јазик превела дела од Влада Урошевиќ, Лидија Димковска, Александар Прокопиев и други македонски писатели.
Анамарија Цинеге Панзова е родена 1976 година во Унгарија. Завршила унгарски јазик и литература на Факултетот за општествени науки во Будимпешта. Од македонски на унгарски јазик превела дела од Гоце Смилевски, Лидија Димковска, Венко Андоновски и Ненад Јолдески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.