„Потпис: трепетлика“ на Ана Стојановска (Три), „Големата прегратка“ на Павлина Атанасова (ПНВ Публикации), „Девет преобразби во чудната шума“ на Пандалф Вулкански (Темплум) и „Сватови на песната“ на Даут Даути (Матица Македонска) се книгите што влегоа во потесниот избор за националната награда „Браќа Миладиновци“ што се доделува на „Струшките вечери на поезијата“ и кои денес беа претставени во рамки на фестивалот.
Во конгресната сала на хотелот „Дрим“ пред публиката беа прочитани по три песни од сите номинирани збирки.
Годинава наградата ѝ припадна на поетската збирка „Гранична состојба“ на Лидија Димковска.
Покрај претставувањето на книгите од потесниот круг беше промовиран и портрет на Ива Дамјановски, минатогодишната добитничка на наградата.
– Необичен нов глас во македонската поезија, ѕвонливо детски и смртно сериозен во исто време, продорен и убодлив (што боде) до с’ржта на проблемите на денешнината. Целата збирка е компактна, а песните во неа се како природно изделкани скулптури, парчиња камен, кои како да немало потреба некој да ги обработува, да ги мазни и длаби, туку како да се одронале точно такви какви што треба да бидат и да останат само такви и никакви други. Насловот на збирката е наслов на една од песните кои го фрлаат пред читателот „црвенилото“ што обојува голем дел од стиховите. Симболиката на црвеното ни оддалеку не е онаа едноставната, препознатливата, туку е издигната на едно повисоко ниво, повторно како крв, како револт и револуција, како вжарено ново сонце, но овојпат спротивставени не на конкретни идеологии или пресии, туку на глобалните загрози, пред сѐ на она страшно чувство на немоќ и апокалиптичност што сѐ повеќе нѐ обзема сите и насекаде – истакна во своето излагање за книгата „Двоумење“ претседателката на Друштвото на писатели, Соња Соња Стојменска-Елзесер.
Во рамки на фестивалот се одржа и поетска работилница со српскиот поет и прозаист Звонко Карановиќ, кој имаше излагање за тоа како се организираат поетски работилници. Тој изјави дека ова подрачје нема недостаток на таленти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.