В недела, во 12 часот во МКЦ сите оние што го пропуштија отворањето на Млад отворен театар (МОТ) ќе може да ја погледнат претставата „Оваа зграда зборува (на)вистина“ на авторот Филип Јовановски, кој е годинешен победник на Прашкото квадриенале. Перформансот е составен од три дела: инсталација со перформативен дел во соработка со актерката Кристина Леловац; кратко видео насловено „Кино култура“ и двојазична публикација.

Следна претстава од неделната програма е „Три сестри“ на Васил Христов и ќе се одигра во Театар комедија со почеток во 20 часот.

Претставата зборува за мечтата за ослободување, која запаѓа во состојба на безизлезност, дури и пред да почне борбата. Безизлезноста се удвојува преку повторувањето на потребата за промена, ослободување, исчекор. Сеприсутна потреба за промена, која останува декларативна и која ретко преминува во дејствување. Состојбата на непоместување доведува до агонија и на секој од ликовите поединечно и на целата толпа во која тие припаѓаат. Тивко умирање, кое отвора некои многу важни прашања: кој е виновникот за настанатата состојба на безнадежност? Дали недејствувањето е одложено самоубиство? Дали самоубиството е, всушност, дејствување? Вознемирувачки прашања. Ликовите на Чехов се прпелкаат во потребата по изнаоѓање одговори. Но, дури и кога одговорот е на дофат на дланка, тие остануваат закопани на едно место. Неподвижни. ‘Уживаат’ во својата (не)можност за ослободување“, се вели во најавата за „Три сестри“.

Истиот ден, вечерта од 22 часот, МОТ се сели во „Кино култура“ каде што ќе бидат изведени два танцови перформанси – „Дримстејт“ и „Мунлајт“.

Валентино Апостоловски со перформансот „Дримстејт“ ќе го образложи прифаќањето на ранливоста.

Состојба на намалена свесност, во која околината е перципирана како во сон. Непознатото и неизвесноста, односно незнаењето за тоа што следува нѐ прави ранливи и уплашени“, се вели во најавата.

Потоа следува кореографскиот проект „Мунлајт“, фокусиран на поетски структури на Александар Георгиев и на Дарио Барето Дамас од Шпанија. Двата перформанса се во продукција на Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“, а реализирани во рамките на проектот „Што е кореографија?“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.