Претставата „Работи за кои не зборуваме“ на македонската режисерка Нела Витошевиќ во продукција на Македонскиот народен театар (МНТ) и Wonderland Theatre од 30 ноември до 27 декември патува на балканско-европска турнеја.
Гостувањето почнува со Србија, во Центарот за културна деконтаминација, Белград. По изведбата во Белград „Работи за кои не зборуваме“ ќе гостува во Народниот театар Битола, а потоа следи патувањето во Полска и театарот во Радом. Театарот опфаќа многу широк спектар на оригинални изведби, класични дела изведени во традиционална и помодерна форма, мјузикли, интимни современи претстави, наслови наменети за младата публика како и андерграунд-сцената која е посветена на современата драматургија, како и на оригиналните и експериментални перформанси.
Кон втората половина на декември претставата ќе се одигра на фестивалот „Денови на Јурислав Корениќ“ во Камерен театар 55 Сараево, Босна и Херцеговина, а патувањето го завршува во нашата земја со гостувањето во Народниот театар „Ацо Шопов“ во Штип.
Во претставата играат: Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Исмет Шабановиќ и Никола Настоски,
„Работи за кои не зборуваме“ е креирана според вистински приказни и сведоштва на актерите, како и на интимни животни искуства на разни лица. Изобилува со многу емоции кои произлегуваат од самиот текст, а поединецот слоевито ги препознава стравовите, тагата, болката, траумите и празнините на сопствената душа.
Претставата носи силна порака за сите премолчени животни премрежја, трауми и трага по суровата вистина од која сите ние многу често се плашиме.
Премиерно беше изведена на 16 октомври и за краток период ја освои театарската публика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.