Утре, 9 мај, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) е закажана премиерата на „Макбет“ од Вилијам Шекспир, а во режија и адаптација на Нела Витошевиќ. Ова е прво поставување на „Макбет“ во историјата на националниот театар, а досега во МНТ се поставени 15 дела на големиот Шекспир. За оваа претстава е користен препевот на Богомил Ѓузел.

Ликот на Макбет го игра Сашко Коцев, а Леди Макбет е Драгана Лошкова. По подолга пауза на сцената се враќа Сенко Велинов. Во претставата со голем број ликови на благородници, вештерки, генерали и војници играат и  Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Благој Веселинов, Борче Начев, Наталија Теодосиева, Ана Стојановска, Ивана Павлаковиќ, Славиша Кајевски, Исмет Шабановиќ, Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Ненад Анѓелковиќ и Виктор Бужаров. Дел од нив се колеги на Витошевиќ од студии, дел се колеги со кои режисерската работела на независната сцена, а останатите се студенти или штотуку диполомирани актери од Факултетот за драмски уметности (ФДУ).

Првпат добивам адекватни услови за работа во мојата досегашна кариера. ‘Макбет’ е веројатно најголем проект кој сум го работела досега и со најголем буџет, 1,8 милиони денари. После 12 години работа првпат добивам адекватен буџет за да го покажам своето знаење. Иако “Макбет’ го обележува политичката амбиција, јас опфатив и други теми како темата за самодеструктивноста на човечката природа, злото кое владее во општеството, темата за предавници и патриоти, темата за тиранијата… ‘Макбет’, колку е психолошка толку е политичка претстава и зборува за политичкото зло,  вели режисерката Витошевиќ.

Таа потенцира дека одамна не работела со таква посветена екипа која со радост доаѓала на секоја проба.

Сенко Велинов претходно двапати го поканив да игра во моите претстави, но поради здравствени проблеми не можеше. Сега ми е многу мило што прифати да игра во ‘Макбет‘, додава Витошевиќ.

Објасни дека претставата ќе се игра во стих, но ќе звучи нормално, природно, реално, како проза. Токму затоа е одбран и препевот на Ѓузел, кого го очекуваат да дојде на премиерата.

И преводот на професорот Михајловски е одличен, но тој повеќе пишува расказно, а нам повеќе ни одговараше поетичноста на Шекспир, која е позастапенa во преводот на Ѓузел. Кога би ја работела ‘Макбет’ според преводот на Михајловски, тоа ќе биде поинаква претстава“, рече Витошевиќ на денешната прес-конференција.

Коцев, кој го толкува ликот на Макбет, признава дека првпат го учел текстот напамет.

Мене ова ми е едвај трета претстава во стих и прво што се договоривме со режисерката беше тоа да звучи повеќе на проза, отколку на стих. Во октомври-ноември минатата година Витошевиќ ме покани да ја играм улогата на Макбет. Почнав да се преиспитувам, дали треба, дали ќе можам, и потоа ја замолив да ми објасни и да ме убеди зошто јас треба да го толкувам ликот на Макбет. И ме убеди. Сите заедно креиравме сè. Макбет има голема дилема и личи како денес да е напишан, како што се впрочем и сите текстови на Шекспир. Но, мојот Макбет не е таков, сакав да му додадам една човечка димензија, вели Коцев.

Инаку, 9 мај е четврти термин за премиера на „Макбет“, која се подготвувала четири месеци.

Ликот на Лејди Макбет го толкува Драгана Лошкова, која објасни дека на пробите дискутирале зошто не е напишан текст зашто е таа желна за власт.

Можеме само да претпоставиме за нејзините амбиции. Меѓутоа, ние начнавме некои разговори во смисла дека тие двајца не се остварени како родители. Тоа и се споменува во текстот на едно место, иако може да се толкува на повеќе начини, го зедовме како можност. Веројатно, во една фаза кога човек не може да се реализира како родител или не може духовно себеси да се реализира, тоа вродува со фрустрација или комплекс. Ако не се освести, веројатно се развива некаква нездрава амбиција – рече Лошкова.

Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимите ги креира Роза Трајческа-Ристовска, а композитор е Огнен Анастасовски.

Првата реприза е на 11 мај, а втората е на 28 мај. Претставата трае 140 минути, без пауза. Цената за билетот на премиерата е 500 денари, а за следните изведби е 300.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.