Најпоставуваниот драмски текст на наградуваниот американски автор Сем Шепард – „Вистинскиот запад“, ќе биде одигран на 26-ти (недела) и 27-ми (понеделник) септември од 20 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ). Овој текст првпат се поставува на театарските сцени во Македонија. Режисер на претставата е Бојан Василевски, а играат: Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Мартин Манев и Тања Кочовска.

Сте се фатиле ли себеси во момент кога правите нешто што е наметнато од општествените трендови и се пресметувате каква слика оставате во очите на другите? „Вистинскиот запад“ ја дава сликата на двете крајности, кога сакаме да бидеме дел од општеството и истовремено сакаме да се изолираме од лошо организираниот свет. Потребата да си најдеме свое место под сонцето не згаснува, а притисокот од „што сум направил до сега?“ не исчезнува.

Сценографијата и дизајнот на светло е на Мартин Манев, костимографија е на Симона Даноска, извршен продуцент е Ава Хусеини, а музиката на Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски.
Превод од англиски јазик е на Марио Стојаноски, а дизајнот на постер е на Ана Јачева.

Билетите по цена од 350 денари се достапни на билетарницата во МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk. Изведбите на претставата се организираат согласно актуелните протоколи за организација на настани.

Претставата е финансиски поддржана од Министерство за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.