Вечерва во 19 часот во Театарот за деца и младинци е закажана премиерата на „Том Соер“ од Марк Твен во драматизација на Горјан Милошевски, а во режија на Деан Дамјановски. Ова е прва премиера за оваа година во ТДМ, а нивниот Том Соер е жанровски меѓу комедија и фарса и во него провејува каубојска нишка. Дамјановски вели дека претставата е направена во манир на популарната серија „Палавковци“, додавајќи дека во неа има и стриповска естетика.
Претставата трае 55 минути, а е наменета за деца од 9-10 години, па нагоре. Инаку „Том Соер“ е задолжителна лектира за одмо одделение.
Кое дете не мечтае да биде херој како оние од книгите, филмовите, цртаните серии? Кое дете не сака макар на ден да порасне во очите на тие околу него и да го добие нивното признание? Ова е претстава за „малиот голем човек“ Том Соер, херојот на измисленото гратче Сејнт Питерсбург во Америка. Тој со помошта на својата остроумност и пргавост и се разбира, со помошта на своите пријатели Хаклбери Фин и Бен Роџерс, успева: да ја бојадиса оградата без да помрдне ниту прст, да ја заведе Ејми Лоренс, да ја освои убавата Беки Тачер, да го спаси од бесилка Маф Потер, да го надмудри Вајлд Џо и да го спаси богатството на вдовицата Даглас, кое ќе биде искористено за да се изгради дом за деца без родители. Со тоа, нашиот симпатичен херој ја добива наклоноста на Тетка Поли, Сид, Шерифот и неговиот помошник Џеремаја, Судијата Тачер, како и на целото гратче Сејнт Питерсбург, вели Дамјановски.
Главниот лик во Том Соер го игра Бојан Кирковски, а во претставата уште играат и Мики Анчевски, Драган Довлев, Емра Куртишова, Мартин Јорданоски, Ненад Митевски, Винета Дамческа, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Марија Ѓорѓијовска. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимите на Елена Вангеловска, а музиката на Горан Трифуновски-Пајак. Во музиката ќе има многу виолини и бенџо, па поради тоа ќе провејува и каубојска нишла
Претставата ќе им биде како едно брзо, лудо возење во луна парк којшто е составен од неколку возбудливи делови како гратчето Сејнт Питерсбугр, островот со скриеното богатство, куќата на духови, мистичната убава пештера, па и градските гробишта каде се случува главниот заплет. Сето тоа наликува на исклучително забавна вестер комедија што неизоставно треба да се види“, смета драматургот Милошевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.