Во Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица денеска премиерно ќе биде изведена класичната фарса „Секс, лаги и љубомора“ од Марк Камолети во режија на Синиша Евтимов, кој ја потпишува и сценографијата за претставата. Струмичкиот театар годинава одбележува 70 години постоење.
Според режисерот Евтимов, станува збор за текст напишан во шеесетите години од минатиот век и до денес повеќе од успешно живее на сцените ширум светот.
Ова е мое трето доаѓање тука во последните шест години и тоа што е променето кај мене, од последниот пат кога работев овде, е што успеав да се профилирам во работењето на одреден жанр, што сметам дека во моментот најмногу ме возбудува и токму поради тоа се занимавам сериозно со него, и тоа е дел од еден омнибус мои претстави кои можат да се видат ширум сцените во Македонија. Многу сум задоволен од целокупниот процес и од екипата, составена од претежно млади актери и ретко кога јас сум најстар во екипата и навистина уживавме додека ја работевме претставата, рече режисерот Синиша Евтимов.
Актерката Јасмина Вучкова истакна дека во процесот на подготовката на претставата имале голема слобода во работата со режисерот.
Морам да истакнам дека првпат работам со режисер кој дава толку голема слобода на актерот во процесот на работа. Уживав во процесот затоа што слободно го креирав и го градев ликот кој го играм во претставата, рече актерката Вучкова.
Во комедијата настапуваат и Анкица Бенинова, Јулија Милкова, Стојан Велков Трн, Коста Ангов и Танкица Стојанова.
Според раководителот на струмичкиот театар, Драган Маџиров, билетите за двете премиерни изданија за денеска и утре се продадени, а за петок е закажана трета изведба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.