Вечерва, во Театарот за деца и младинци (ТДМ) во 19 часот премиерно ќе биде прикажан првиот македонски мјузикл за деца „Земја во која не се стигнува“ според текст на Оливера Николова, а во режија на Виолета Џолева. Музиката за деца е компонирана од Александар Џамбазов, музички продуцент е Александар Митевски, кореограф е Кренаре Невзати, драматург на мјузиклот Маја Стефановиќ, а Дамир Имери е музички аранжер.

Ова е прв мјузикл за деца во кој играат, пејат, танцуваат петнаесетина деца одбрани на три аудиции, а во „Земја во која не се стигнува“ играат и тројца професионални актери, Драган Спасов Дац како гостин актер од Маккедонскиот народен театар, и Катарина Илиевска Силјановска и Мартин Јордановски од ТДМ.

Во првиот детски мјузикл играат и децата: Јован Петровски, Лука Златков, Петар Златков, Михаил Николовски, Александар Грчев, Јован Дукмеџиев, Ена Исмаили, Ема Ќулавкова, Марија Јанчевска, Мања Митевска, Луна Бејков, Јелопи Седеу Нишевиќ, Лара Трпческа, Лена Катја Илиевска, Ирина Давидовска, Неда Димкова и Ангела Алексовска. Претходно беа организирани три аудиции на кои се пријавиле 130 деца.

Џолева се заблагодари на ТДМ и на директорката Илиевска Силјановски што имала храброст и доблест да ја реализира нејзината идеја за прв детски мјузикл за деца со деца.

– Ние, на еден начин ги реинкарниравме Џамбазов и Николова. Денес веќе никој не пишува радио драми, драми за деца, музика за деца се прави наменски, исклучиво за фестивали, нема текстописци за деца. Ова можеби ќе биде поттик да почне да се твори за децата – објаснува Џолева.

За оваа претстава од Министерството биле доделени пола од парите кои ги побарале. Со оглед дека сцената на ТДМ е многу мала, од тимот се надеваат дека овој мјузикл во брзо време ќе се игра на поголема сцена.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.