Македонскиот народен театар вечер на Малата сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓоргиев, според истоимената збирка кратки пиеси објавена пред 20 години, приредена од театрологот Јован Ќирилов.

Од четириесетина пиеси од исто толку автори во антологијата издвоени се десет кои со својата драматуршки фрагментирана форма градат заокружена сценска слика и пресек на театарот од првата и дел од втората половина на претходниот век.

Темите што ги поврзуваат десетте кратки драми се тоталитаризмот, недоразбирањето, тегобноста, зачуденоста, минливоста на времето, општата состојба на апсурд.

Секоја од овие пиеси „минијатури“ на Муза Павлова, Чехов, Хајнер Милер, Каринти, Фридман и други автори, од својата неконцизна основа го повикуваат хуморот како спас од вртлогот на безизлезноста и гротеската што неретко е опачина на слободата“, соопшти МНТ.

Во претставата играат актерите Снежана Коневски-Руси, Габриела Петрушевска, Марија Новак, Нино Леви и Кире Ѓоревски. Сценографијата е на Трајче Ѓоргиев и Татјана Блажевска-Христовска, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а изборот на музиката е на режисерот и драматургот Дарко Јан Спасов.

По вечерашната премиера, претставата репризно ќе биде изведена на 29 ноември.

Долгогодишната соработка на режисерот и актер Георгиев и актерката Снежана Конеска Руси се заокружува токму со оваа претстава, со која актерката официјално заминува во пензија.

Радосна сум бидејќи ја користам реченицата на Нина во „Галеб“ што сум ја играла во 1991 година, дека сето она што го правиме во животот, во работата која ја работиме, сфаќаме дека не е главна веќе славата, блесокот за она што сте копнееле во минатите години, туку напротив, дека е важно и битно да умеете да го носите својот крст, да ги почувствувате и да ги надминете болката, страдањата, така и да верувате во себе, вели во интервју за „Република“ Конеска Руси или како што сите ја познаваат Снешка, кој зад себе има генерации деца, родители, актери и студенти на Академијата за театар.

Актерот никогаш не оди во пензија, туку игра на сцената до последен здив. Конеска Руси од 1978 година е вработена во МНТ, а претходно шест години била во Македонската радио телевизија каде работела како спикер и презентар на Македонското радио.

Трајче, како режисер, сметајќи дека Снешка одбележува значаен јубилеј, 45 години уметничка дејност, направил интересен старт на претставата, како ја внесуваш публиката во театар, како живееш во текот на сите претстави со различни режисери, со различни стилови, жанрови и на крајот се сведуваш дека се затвора кругот – и животен и театарски, вели Конеска Руси.

Зад Руси има голем број на улоги во театарски претстави, а позната е и како филмска глумица и режисер. На јавноста и стана позната во далечната 1963 година, кога ги имаше своите почетоци на Детската радио драма во МРТ. Босилка Кочоска во „Ѕидот, водата“ на Живко Чинго, Девојката во „Димна Јуда град градила“, Ана во монодрамата „Ана Франк“, Агафја во гогољевата „Женидба“, Хава во мјузиклот „Свирач на покрив“, Нале во „Среќна нова 49“ се само дел од улогите кои ги одиграла Снежана Конеска Руси.

Во 2013 година таа одбележа јубилеј, 40 години на сцената и работење во театар центар во МНТ со улогата на Љубов Андреевна од „Вишновата градина“ на Чехов.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.