На малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот вечерва премиерно ќе биде прикажана „Торонто експрес“ – монодрама со Александар Микиќ, работена по збирката есеи „Тибам штркот“ на Зоран Спасов-Ѕоф, а во режија на Јордан Симонов.

Решивме да се занимаваме со проблемот зошто луѓето си одат од Македонија, односно од целиот Балкан. Што е тоа што ги тера луѓето да побегнат од нашава родна Македонија. Мислам дека со приказната за Канада станува комплетно јасно зошто луѓето ни бегаат, вели актерот Микиќ.

Авторот Спасов – Ѕов вели дека книгата и претставата имаат допирни точки, далеку од тоа дека се идентични, а различни се главните ликови. Претставата има други ликови што не постојат во книгата.

Моја препорака е и двете да се изживеат – и книгата и претставата. Претставата е урнебесна, многу се смеам на секоја проба. Екипата е фантастична. Верувам дека долго време ќе се игра на сцената на МНТ, вели Ѕов.

Актерот и режисер Симонов вели дека претставата почнале да ја подготвуваат на 10 јануари 2021 и до премиерата ќе поминат точно 340 дена, но работите се оддолжиле поради голем број околности со ковид пандемијата.

Разговаравме со Микиќ и тој ми кажа дека има еден роман, збирка на есеи од школски другар која би сакал да ја работи како претстава. Откако го прочитав текстот, многу ми се допадна. Стилот на пишување, начинот на кој авторот Спасов- Ѕов ги опишува работите. Дојдов до идеја целото писание да го преведеме на сцена, но во други околности, да отидеме на едно ниво повисоко. Има некои работи што публиката кога ќе дојде да ја гледа ќе ги види во претставата, некои работи што нема ќе ги прочита во книгата, вели Симонов.

Како извршен продуцент се потпишува Виктор Рубен, сценографското решение е на Мартин Манев и костимограф е Роза Трајческа-Ристевска.

Следните изведби се на 16 и на 20 декември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.