Претставата за промашниот живот, неверството и грижата на совест „Мојот маж“ од македонската писателка Румена Бужаровска, а во режија на Нела Витошевиќ, вечерва во 20 часот премиерно ќе биде изведена на сцената на Драмскиот театар Скопје.
Од книгата „Мојот маж“ на Бужаровска, која е вистински хит на Балканот, се избрани шест раскази („Супа“, „Празно гнезо“, „Прељубник“, „Осми март“, „Гени“ и „Лиле“) чија драмска адаптација ја направија Викторија Рангелова – Петровска и режисерката Витошевиќ, а актерите во претставата имаат свои авторски монолози.
Преку отворање ранливи точки да проговориме за некои стигми и табуа кои се длабоко вкоренети во македонскиот конзервативизам и патријархат и на многу искрен и реален начин да воспоставивме дијалог, не само со расказите на Румена, туку и со самата публика. Така што, целата претстава е наш дијалог со нејзините раскази и со самата публика, вели Витошевиќ.
Во претставата играат: Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева-Велиќ, Исмет Шабановиќ, Игор Ангелов, Сара Климоска и Филип Трајковиќ. За костимите се погрижи Роза Трајчевска-Ристоска, а за сценографијата Костантин Трпеноски.
Актерите ја опишаа претставата како емотивна, искрена и храбра зашто на сцената се „соголуваат“ и себеси, раскажуваат вистински лични приказни, некои што не ги кажале ни пред најблиски.
Секој од нас вади парче од својот живот на сцената. Но не за да покажеме колку можеме да се отвориме, туку за да им помогнеме на оние што се идентификуваат со она што е на сцената. Со претставата правиме многу голем исчекор, и театарски и книжевен. Многу сум среќна што Нела е режисерката што застана зад нејзините раскази. Јас би ја нарекла оваа претстава искрена, вели актерката Арсовска.
Режисерката и актерите се особено задоволни и од тоа што на сцена се поставува македонска авторка, која веќе е многу популарна и на Балканот. Витошевиќ објаснува дека отвориле горливи прашања од македонскиот конзервативизам и патријархат.
Билетите за премиерата се распродадени, а следната претстава е на 20 февруари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.